Конфликтот меѓу Хамас и Израел може да прерасне во регионална војна од големи размери. Западните влади сакаат да го спречат тоа, велат аналитичарите.

Хорор сценариото изгледа вака: израелската воена акција во Појасот Газа со копнени трупи предизвикува верижна реакција на немири и насилство во регионот. Како што напредува, се повеќе и повеќе групи и земји се вовлечени во спиралата на насилство, можеби дури и САД и Русија, стои во написите на медиумите во регионот.

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галан изјави дека планираната копнена офанзива би можела да трае неколку месеци.

„И на крајот нема да има повеќе Хамас“, рече тој. Израелската влада реагираше на нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, во кој беа убиени најмалку 1.400 луѓе, меѓу кои деца, жени и старци, а повеќе од 200 луѓе беа киднапирани и држени како заложници.

Од чисто воена перспектива, акцијата може да биде успешна, според експертот за Блискиот Исток Гидо Штајнберг од Фондацијата за наука и политика со седиште во Берлин.

Во емисија на ДВ тој рече: „Верувам дека израелската армија е способна да ги уништи структурите на Хамас во Појасот Газа“, но во секој случај многу цивили би загинале, без разлика колку внимателно дејствува израелската армија.

Ова би можело да биде пресметката на Хамас, според Ханс-Јакоб Шиндлер од меѓународната организација „Проект за борба против екстремизмот“: „Хамас е заинтересиран да прави ужасни слики од мртви палестински цивили и на тој начин да ги вовлече Иран и неговите сателити во тој конфликт“, вели Шиндлер за ДВ.

„Сателити“ – тоа се вооружени групи поддржани од Иран, кои дејствуваат во други земји во регионот, како Хезболах во Либан. Хезболах постојано истрела ракети врз Израел, но се воздржува од голема офанзива, дополнува тој.

Сè уште не е сигурно дека ќе дојде до израелска копнена офанзива, смета Шиндлер, но „ако дојде до ескалација, тогаш Хезболах би бил првиот што масовно го бомбардира северот на Израел. Втората фаза од ескалацијата би биле напади во Сирија на американските позиции, а третиот веројатно би биле шиитските милиции во Ирак, кои би нападнале американски или западни цели“.

Таква верижна реакција не треба ни да започне, додава тој.

Затоа американскиот претседател Џозеф Бајден направи две работи: испрати два носачи на авиони во источниот Медитеран како предупредување до Хезболах и Иран. И покрај неговото разбирање за одбраната на Израел, тој исто така повика на умереност во Појасот Газа.

Израел не треба да ги повторува „грешките“ на САД по исламистичките терористички напади на 11 септември 2001 година и да дозволи да биде „носен со својот гнев“, рече Бајден во Тел Авив.

Сега станува збор за „да му се покаже на Иран и неговите сателити дека ескалацијата на ситуацијата сигурно ќе доведе до значително слабеење на нивните структури“, вели Шиндлер.

Дополнително, додава тој, меѓународната заедница треба да се фокусира на подобрување на хуманитарната состојба на цивилите во Појасот Газа за конфликтот да не влијае на „погрешните луѓе“.

По телефонскиот разговор со лидерите на Германија, Франција, Велика Британија, Италија и Канада, Бајден се согласил со нив, да го поддржат Израел и да го почитуваат неговото право на самоодбрана. Во исто време тие повикаа на почитување на меѓународното хуманитарно право, што би значело дека Израел треба да го поштеди палестинското цивилно население.