Факт е дека е зајакната довербата меѓу Грција и С. Македонија, рече министерот за надворешни работи на Грција на почетокот на јуни во интервјуто за весникот „Етнос“, а веројатно оваа изјава на Никос Дендиас би можела да биде главната карактеристика за односите меѓу двете земји во 2020 година.
Пандемијата не ги прекина врските и односите меѓу Македонија и Грција, можеби претставуваше пречка во одредени области, но од друга страна беше причина за поинтензивна комуникација во однос на справувањето со коронавирусот и последиците од здравствената криза.
Минатата година, анализира дописничката на МИА од Атина, ја одбележа прва посета на премиер од Македонија на Атина, поинтензивна комуникација за соработка, особено во енергетиката, отворен канал на комуникација меѓу министрите за здравство на двете земји, но и континуираното изразување поддршка од грчка страна за европската перспектива на Македонија.
Единствената „црна дамка“ во односите меѓу двете земји е прекинатиот туризам и неможноста, нашите државјани да ја посетат Грција, со оглед на тоа дека копнените граници се затворени од средината на март, од кога е во сила и одлуката за забрана за влез на државјани од трети земји.
Односите со Турција и случувањата на Еврос од една страна, пандемијата со Ковид-19, од друга страна, но и ставот дека Грција ги почитува договорите што како земја ги потпишала, резултираа Договорот од Преспа повеќе и да не е тема на дискусии кај јужниот сосед.
Во медиумите во Грција ретко постојат анализи или коментари, а решението меѓу двете земји го отвори каналот на комуникација меѓу Скопје и Атина, нешто што се покажа и за време на пандемијата.
Изборите кај нас беа проследени од медиумите, меѓутоа не со истиот интерес како претходно, додека пак Ципрас му честиташе на Заев за победата на изборите, а портпаролот на грчката Влада рече дека нивните очекувања се да се продолжи со „добра соработка со новата Влада на С. Македонија“.
Соработката и комуникација продолжи и на највисоко ниво.
Во периодот кога пандемијата во Грција стивна, кусо пред почетокот на вториот бран, премиерот на Македонија ја прифати поканата за учеството на конференцијата на „24-та тркалезна маса со грчката Влада“ организирана од „Економист“ и на 16 и 17 септември, и престојуваше во Атина во придружба на заменик- претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, заменик-претседателот задолжен за европски прашања Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи,
По пауза од можеби 20 години, претседател на Владата на Македонија ја посети Атина и оствари низа средби како со грчкиот државен врв, така и со грчки бизнисмени.
Тогашниот портпарол на грчката Влада Стелиос Пецас, еден ден пред посетата на Заев истакна дека е „многу важно што ќе постои можност за разговори“, по изборите кај нас.
Заев, освен што учествуваше на конференцијата, во Атина, беше примен од претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу и одржа работна средба со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, а се сретна и со лидерот на СИРИЗА, Алексис Ципрас.
На средбата со Христос Копелузос, извршниот директор на групацијата „Копелузос“, која е основачки акционер на компанијата „Гастрејд“ беше изразен интересот Македонија да се вклучи во изградба на терминалот за течен природен гас во близина на грчкиот град Александрополи, како нова, независна влезна точка за снабдување со природен гас на земјите од Југоисточна Европа.
Од друга страна, Димитров и Османи кои беа дел од владината делегација, остварија средби со министерот за надворешни работи Никос Дендиас и алтернативниот шеф на грчката дипломатија Милтиадис Варвициотис.
Дводневната посета помина во позитивна клима и предизвика интерес кај грчките медиуми, а кусо по завршувањето на работните активности и непосредно пред враќањето во Скопје, во разговор со дописничката на МИА од Атина, премиерот Зоран Заев ги пренесе неговите впечатоци од средбите, но и откри детали од разговорите со неговите домаќини.
Со Мицотакис се договориле во текот на зимата, во зависност од текот на пандемијата, да се одржи во Атина втората меѓувладина седница, но и да се потпише договорот за избегнување на двојното оданочување, а разговарале и за можностите за поголема соработка во повеќе области.
-Разговаравме, со пријателски дух, комплетно да им покажеме на сите што значат две пријателски земји кои имаат потпишано договор за стратешко пријателство, бидејќи Преспанскиот договор не е само за решение на проблемот со името и зацврстување на нашиот македонски идентитет. Најголемиот дел од Преспанскиот договор е стратешкото партнерство и не е само во воздушното покривање, во безбедноста. Овде е економијата, енергетиката, образованието, здравството и слично, објасни тогаш Заев.
Мицотакис на средбата предложил, по иницијатива на Грција, доколку е можно, земјата да обезбеди вакцини против Ковид-19 и за Македонија и Албанија.
Премиерот, во интервјуто за МИА откри дека грчкиот премиер изразил желба да го посети Скопје, затоа што има убави спомени и „сака да се потсети на тогашните години 1999-2000 кога бил главен, одговорен на Националната банка на Грција за аквизицијата или купувањето на Стопанска банка“.
Тогашниот портпарол на грчката Влада Стелиос Пецас одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина во однос на евентуална посета на Кирјакос Мицотакис на нашата земја рече дека „засега не е планирано некое патување во Скопје, но такво нешто може да се случи во иднина“.
Отворена беше можност следната средба на Заев и Мицотакис да биде во рамките на „Thessaloniki Summit“, во ноември, но поради пандемијата солунскиот самит се одржа дигитално, а Заев и Мицотакис упатија видео порака.
-Како пријателски земји, потенцијалите за унапредување на инвестиците активности и економската соработка сметаме дека треба да имаат нагорен тренд. Придобивките од договорите за стратешко партнерство треба максимално да ги искористиме, да создадеме амбиент за непречен развој на економијата и за нови и современи бизнис иницијативи, рече Заев.
Мицотакис, пак, изрази поддршка за земјите од Западен Балкан на патот кон Европската Унија.
-Сигурен сум дека набргу, со премиерот Заев ќе се согласиме и за уште два паралелни фронта. За меѓудржавното поврзување за транспорт на природен гас до крајот на 2023, но и за одново функционирање на нафтоводот Вардакс, што се надеваме дека набргу ќе почне одново да ја снабдува рафинеријата во Скопје што е во сопственост на „Хеленик петролеум“, истакна Мицотакис.
Низа средби и разговори за енергетска соработка
Енергетиката и можностите за соработка и поврзување во оваа област, беа во фокусот на еднодневна работна посета на Солун на заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, на заменик-претседателот на Владата за борба против корупција, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски и на министерот за економија Крешник Бектеши и учеството на тркалезната маса „Регионалната енергетска безбедност и соработка“ заедно со државниот секретар на САД, Мајкл Помпео и министерот за животна средина и енергија на Грција Костис Хаѕидакис.
Вицепремиерот Битиќи посочи дека беше одлична можност да се разменат искуствата во делот на енергетиката, потенцијалите за соработка и да се разговара за идните активности во насока на подобрување на енергетската поврзаност и истакна дека „Грција и С. Македонија се добар пример за градење на меѓусебни односи, соработка и стратешко партнерство“.
За енергетското поврзување на Македонија и Грција и за енергетската соработка преку видеоконференција, кон средината на ноември Битиќи разговараше и со заменик- шефот на грчката дипломатија Костас Франкојанис.
-Господинот Франкојанис, меѓу другото, ги истакна придобивките на ниво на економијата, животната средина и безбедноста на енергетското планирање од поблиската соработка на двете страни. Во иста насока, заменик-претседателот на Владата на С. Македонија, господинот Битиќи, меѓу другото, истакна дека како неговото учеството во конкретната видеоконференција, така и учеството на министрите за економија и животна средина ја покажуваат волјата на Владата на С. Македонија за брз напредок, соопштија тогаш од грчкото МНР.
На состанокот, присуствувале и министрите за економија и животна средина на Македонија Крешник Бектеши и Насер Нуредини, генералната секретарка во Министерството за енергија во надлежното грчко Министерство, како и високи претставници од Националниот оператор за природен гас на Грција и од „Хеленик петролеум“.
За „Хеленик петролеум“ и надежта дека ќе се изнајде решение, меѓу другото говореше министерот Нуредини за време на неговото учество на Енергетски форум за Југоисточна Европа што се одржа во септември во Солун, кога рече дека енергетските односи со Грција се одлични и изрази надеж за нивно дополнително развивање, како и надеж за изнаоѓање решение на спорот со грчката компанија.
Пандемијата ја интензивираше комуникацијата: Филипче и Кикиљас се сретнаа во Атина, Димитров и Дендиас организираа регионална конференција
Комуникацијата и разговорите на релација Скопје- Атина не се ограничени само на можностите за енергетска соработка, туку како што и наметнаа околностите, пандемијата отвори и нови канали на контакт, особено меѓу министрите за здравство на двете земји.
Само 11 дена по завршувањето на првиот карантин во Грција и додека земјата беше на почетокот на преодниот период на патот кон новата нормалност, министерот за здравство Венко Филипче, во Атина оствари средба со неговиот грчки колега Василис Кикиљас.
Двајцата министри разменија искуства за пристапот во лекување и превенција од ширење на коронавирусот, како и предизвиците за време на пандемијата, а со оглед на тоа дека средбата беше на средината на мај, разговарале и за отворањето на границите и претстојната летна сезона.
Комуникацијата на Филипче и Кикиљас продолжи и продолжува, како во однос на справувањето со пандемијата, така и во однос на можноста Грција да набави вакцини за Македонија.
За прашањата поврзани со Ковид-19, разговараа и шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас и тогашниот министер за надворешни работи на Македонија Никола Димитров, на почетокот на пандемијата за соработката за репатријација на граѓаните од двете земји, а на крајот од првиот бран, организираа заедничка регионална видеоконференција за побрзо враќање во нормала.
-Денеска ја реафирмиравме нашата решеност да продолжиме и да ја продлабочиме нашата соработка за да ги ублажиме последиците од пандемијата на Ковид-19 и да ги поставиме темелите за закрепнување на регионот, пишуваше во заедничката изјава по вториот министерски форум „Солун 2020“ на шефовите на дипломатиите на С. Македонија, Грција, Бугарија, Романија, Словенија, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, Косово, по одржаниот состанокот на кој присуствуваа и претставници на ЕУ.
За време на состанокот биле донесени десет заклучоци што се однесуваат на стратешкото партнерство меѓу ЕУ и Западен Балкан, на здравствениот и туристичкиот сектор и транспортот, на регионалната соработка, како и почитување на индивидуалните права и слободи, независните медиуми и борбата со ширење на дезинформациите, а паралелно ја поздравија и одлуката на Унијата за пакет помошта за регионот за справување со пандемијата.
Димитров и Дендиас, за пандемијата и прашањата поврзани со вакцината телефонски разговараа и пред десетина дена, по иницијатива на заменик-претседателот на Владата на Македонија задолжен за европски прашања.
Грција се активираше по француското вето, но не и по бугарското
Кусо по француската блокада за датум за почеток на преговори за членство на Македонија во ЕУ, грчката дипломатија се активираше со иницијативи за поддршка и промоција на европската перспективата на Скопје и Тирана, иницијативи кои започнаа на крајот од 2019 година, а продолжија на почетокот на 2020 година.
Организираше министерска конференција „Од Солун до Загреб“ за европската иднина на Западен Балкан на која учествуваше и тогашниот министер за надворешни работи Никола Димитров, а целата беше да се стави јасно до знаење дека европската иднина на регионот е приоритет, не само за самите земји, туку и за другите балкански држави кои се веќе членки на ЕУ.
Пецас тогаш коментираше дека е многу позитивно тоа што конференцијата доаѓа во услови кога се чини дека „француската страна, која имаше важни противења на оваа тема, сега е поотворена за компромис”
На Самитот на ЕУ во март Македонија доби зелено светло, нешто што наиде на позитивни реакции од Грција.
Алтернативниот шеф на грчката дипломатија, Милтиадис Варвициотис, по неговото учество на видеоконференцискиот состанокот на министрите за европски прашања на Унијата коментираше дека „е важен ден за Европската унија, а со одлуката за почеток на пристапни преговори со Македонија и Албанија, се потврдува стратешката агенда „Солун 2003“.
Одлуката на унијата ја поздравија поранешниот грчки премиер и претседател на Социјалистичката интернационала Јоргос Папандреу и поранешниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос.
Папандреу преку неговиот официјален „Твитер“ профил рече дека е позитивна порака, а Катругалос преку писмена истакна дека е исправена големата грешка на ЕУ.
Честитка до Заев, како за одлуката за почеток на пристапни преговори со ЕУ, така и за членството во НАТО, стигна од лидерот на СИРИЗА, Алексис Ципрас, а за членството во НАТО не изостана и позитивна реакција од грчкото МНР.
Иако кога протоколот за членство во НАТО беше ратификуван во грчкиот Парламент во февруари 2019 година, Нова демократија, како опозиција гласаше против, една година подоцна, Министерството за надворешни работи на Грција преку официјалниот „Твитер“ профил упати честитки за нашето членство во НАТО, додавајќи дека очекува конструктивна соработка.
-Ѝ честитаме на РС Македонија за нејзиното членство во НАТО како 30-ти член на Алијансата. Добредојде за нашите соседи во НАТО семејството и очекуваме конструктивна соработка во рамките на Алијансата, напишаа од грчкото МНР на „Твитер“.
Ова, наиде на реакции од опозициската СИРИЗА, кои го коментираа ставот на Нова демократија како опозиција и сега како влада за нашето членство во НАТО.
Дипломатските активности на Атина, кои беа доста интензивни за француското вето, не се повторија, барем не јавно, кога Бугарија реши да ја блокира Македонија.
Претходниот владин портпарол Стелиос Пецас, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, за тоа каков е ставот на Грција за позицијата на Софија во однос на патот на нашата земја кон ЕУ, рече дека никој не може да спречи земја членка на Унијата да покренува свои прашања во пристапниот процес.
-Ние традиционално се сме за зајакнување на врските на земјите од целиот регион и секако ја имаме поддржано европската перспектива на земјите од Западен Балкан. И ќе продолжиме да го правиме тоа. Оттука, како што знаете и ние во минатото кажавме дека ќе одиме на отворање и затворање на преговарачките поглавја согласно и со нашите интереси. Ќе гледаме, во интегративниот процес да гарантираме дека се задоволени грчките интереси. Во овие рамки, никој не може да спречи никоја друга држава членка да покренува свои прашања во процесот. Се надеваме дека на крајот од патот навистина ќе се отвори вратата за европска перспектива и на овие земји, рече Пецас.
Пораките кои доаѓаат Атина во изминатиот период се дека останува непроменета грчката поддршка за европската перспектива на нашата земја како и за целиот регион.
Оваа поддршката ја изразија министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на нивното учество на состаноците во рамките на Берлинскиот процес во ноември минатата година, а поддршката ја потврдија и грчки дипломатски извори.
Се чини дека ставот на Софија не влијае врз стабилната грчка позиција за европската иднина на регионот, со оглед на тоа дека извори од Министерството за надворешни работи на Грција коментираа дека нивната позиција е јасна, односно дека ја поддржуваат европската перспектива на земјите од Западен Балкан, врз основа на исполнување на поставените услови и додаваат дека ова е нешто што тие континуирано го истакнуваат.
Овој став, на неколку пати го повтори и портпаролот на Министерството за надворешни работи на Грција Александрос Папајоану на редовните брифинзи со новинарите.
Меморандумите со Македонија доставени во грчкиот Парламент, но речиси четири месеци подоцна сѐ уште не се изгласани
Непосредно пред работната дводневна посета на премиерот на Македонија на Грција и средбите со грчкиот државен врв, во Парламентот беа донесени трите договори, односно Меморандумот за забрзување на процесот на интеграција на Македонија во ЕУ; Меморандумот за формирање Координативен комитет за економска соработка и Техничка спогодба за надгледување на FIR Скопје, што произлегуваат од Договорот од Преспа, меѓутоа се чини дека процедурата за ратификација е замрзната по реакциите во Грција.
Официјалниот став на грчката Влада е дека договорите ќе бидат донесени на гласање, меѓутоа без да се прецизира кога би биле на дневен ред, додека пак претседателот на Парламентот во една прилика објасни дека ратификациите не се итни.
Со оглед на тоа дека Меморандумите се први што доаѓаат по промената на власта во Грција, од опозициската СИРИЗА, најавија дека кога ратификацијата ќе биде на дневен ред во Парламентот, ќе побараат јавно гласање, со прозивање на сите пратеници, а според лидерот на партијата Алексис Ципрас, гласањето на пратениците од Нова демократија, ќе биде и извинување за нивната опозициска реторика за Договорот од Преспа.
– Не постои никакво прашање во однос на ратификацијата на договорите со Северна Македонија во грчкиот Парламент, рече кон крајот на септември тогашниот портпарол на грчката Влада Стелиос Пецас, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, во однос на натписите во дел од медиумите во Грција, но и на објавата на портпаролот на СИРИЗА на социјалните мрежи дека Нова демократија, не може да најде пратеник кој би бил известувач во Парламентот за трите билатерални договори со нашата земја.
Објасни дека кога тие, како темел го имаат меѓународното право „за соочување со турската провокација“, не може таа нивна обврска да ја исполнуваат „a la carte“.
-И да велиме дека се повикуваме на меѓународното право во врска со Турција, а да не го земаме предвид во врска со С. Македонија, рече Пецас.
Станува збор за три меѓународни договори, два од Министерството за надворешни работи на Грција, кои беа потпишани за време на првата меѓувладина седница одржана во април 2019 година во Скопје и еден од Министерството за одбрана, потпишан пет месеци подоцна, а сега, во грчкиот Парламент се донесени како предлог закони од надлежните грчки министри.
Откако беа доставени (на 14 и 15 септември 2020 година), согласно процедурите, следниот чекор е да бидат разгледани на надлежната комисија за национална безбедност и надворешни прашања, а откако членовите на комисијата ќе дадат зелено светло, ратификацијата ќе биде на седница на Парламентот.
Заедничкиот интередисциплинарен комитет (ЗИКЕ) за историски, археолошки и образовни прашања е уште една обврска за двете земји што произлегува од Договорот од Преспа, а минатиот месец се одржа шестиот состанок, на кој биле разменети мислења за програмите во образовните системи на двете земји и било договорено следниот состанок да се одржи февруари.
Паралелно, со одлука потпишана од заменик- министерката за образование на Грција Софиа Захараки, во дел од грчките учебници за основно училиште ќе се направат корекции и терминот „ПЈРМ“ ќе се замени со „Северна Македонија“.
Речиси десет месеци Македонците не можат да патуваат во Грција
Единствената, би можело да се каже, негативна точка во односите меѓу Грција и С. Македонија во изминатата година е тоа што јужниот сосед остана затворен за македонските туристи, поради одлуката, наметната од пандемијата, на грчката Влада од средината на март да бидат затворени копнените граници и да забрани влез за државјани на трети земји.
Оваа одлука, континуирано се продолжува, а според последната објавена вчера, границите остануваат затворени до 21 јануари.
Новата година, носи и низа предизвици во односите меѓу двете земји, освен очекувањата летово Македонците да уживаат на некоја од грчките плажи, 2021 би можела да биде година на одржување на втората меѓувладина седница, ратификација на меморандумите во грчкиот Парламент и евентуалната поголема и практична поддршка од Атина за Скопје.
Годината почнува динамично, со потпишување следнава седмица во Атина на три нови меморандуми за соработка меѓу двете земји.
(продолжува)
Сања Ристовска за МИА