Лани на 25 март беше одбележана 60-годишнината од основањето на Европската унија при што два момента се издвоени како клучни – одбележано е заминувањето на Обединетото Кралство и се скицирани патоказите за наредните 10 години. Нова Европа?

Никој не би се обложил, но лидерите се стремат да го одржат во живот европскиот сон, што ќе рече мир, демократија, отворени пазари…Но, многумина аналитичари забележаа дека зад таа 25-мартовска насмеана фасада имаше мноу дилеми и неизвсности, кои со текот на времето излегуваат како сериозни проблеми. Евроскепетицизмот е само еден од нив, или видливиот дел на сантата мраз, под која има национализми, фашизми, антимигрантски позиции, лобисти кои не водат сметка за јавното здравје, за фаворизирање на одредени економии, за поделба на југ и север, но и на исток и запад.

И не чуди пораката на пример од Холандија дека Македонија уште е „заробена држава“. Тука колку што има факти, бидејќи владата на Заев се залета да го реши името и да го протурка законот за јазиците, има и политчка заднина. На пример пред десетина години токму Холанѓаните и даваа огромна поддршка за влез на Македонија во ЕУ? Па, што се смени толку многу за кусо време? Македонците се расипаа, или, пак, на Холанѓаните, народ со кого имаме навистина блиски и пријателски односи и врски, нешто им светна?

Едно последно истражување спроведено врз 3.000 лица во Холандија под раководство на професорот Клас де Врис од Универзитетот во Амстердам, кажува многу – само 15 проценти од анкетираните имаат доверба во политичарите на европско ниво. Тоа не значи дека кога сега би имало референдум Холандија мазно би изгласала „Нетгзит“, но јасно го изразува евроспетицизмот. Граѓаните, а и многу политичари, мислат дека повеќе даваат отколку што земаат, а тоа ќе биде уште повеќе изразено со излегувањето на Британците од Унијата. Но, во моментов 25 проценти од испитаниците би излегле од ЕУ без око да им трепне. А, Форумот за демократија на Тјери Бауде веќе подолго време го подготвува референдумот за излегување од ЕУ, а овој процент откриен во анкетата не е за потценување.

Можеби Холандија не е толку значајна економија, но какви пораки испраќа Италија последниве недели? Во моментов има политчки судир меѓу претседателот и популистичката коалција предводена од Северната лига, Движењето пет ѕвезди, Форца Италија….но доколку воопшто профункционира оваа влада таа нема да биде само во колизија со претседателот Серџо Матарела, туку и со ЕУ. Ако се додаде дека на оваа коалиција не и се допаѓа политиката на Брисел кон Русија, веќе имаме подлабок европски проблем.

Некои медиуми, пак, издвојуваат дека за министер за економија во кабинетот на Конте ја токмат 81-годишната Паола Савона, опишана не само како евроскептик, туку и како „изразито антигерманка“. Таа, на пример, во нејзината последна книга „Како кошмарен сон“ заедничката валута ја нарекува „германски кафез“. Но, оди и повеќе – таа вели дека Германија не се сменила многу во своите апетити по падот на нацизмот, само што ја напуштила милитантната политика.

За несреќа, планот на францускиот претседател Емануал Макрон, а поддржан од канцеларката Меркел е – јакнење на еврозоната.

„Мораме да имаме план Б, за да се подготвиме да не не снајде судбината на Грција“, пишува Савона во својата книга. Савона, пак, од друга страна е причина Матарела да не даде зелено светло за новиот кабинет и најверојатно Италија ќе се движи во насока на веќе познатиот пат – нови избори.

А, каква е состојбата во Германија? Едно од последните истражувања на јавното мислење покажа дека Германците не можат да се согласат ЕУ да остане иста. Тие сакаат промени, но анкетата не дала  јасни одговори какви.

Можеби нив не ги изнесе сосема јасно ниту шефот на Европската комисија Жан Клод Јункер, кој во неговиот план предвидува пет можни насоки на ЕУ – еден од нив е создавање „Унија со повеќе брзини“, во која некои земји ќе одат побрзо со интеграцијата од други.

А, некои како тие од Западниот Балкан ќе добиваат извештаи со многу остри критики и морков наречен – перпсективи за членство. Оти, ако ЕУ беше принципиелна, Македонија можеше да ја покани во членство пред повеќе од една деценија. Сега перспективата за членство е некаде по десет години.