Додека француските министерства овие недели ги финализираат плановите за излез од американската дигитална инфраструктура до почетокот на есента, станува јасно дека се работи за почетен потег во пошироко европско преуредување на односите кон Microsoft, Amazon и Google.

Француската меѓуресорна агенција за дигитални работи (DINUM) во април објави директива со која секое министерство и неговите тела се обврзуваат до есента 2026 да достават план за излегување од воневропските дигитални зависности во осум категории: работни станици и оперативни системи, алатки за соработка, антивирусен софтвер, вештачка интелигенција, бази на податоци, виртуелизација, облак инфраструктура и мрежна опрема.

DINUM, агенцијата што ја координира дигиталната политика на целата државна управа, од кибернетска безбедност до јавна набавка на софтвер, сама послужи како пилот-проект и нејзините вработени први преминаа од Windows на Linux.

Сè започна од моментот кога Microsoft, следејќи ја извршната уредба на американскиот претседател Доналд Трамп од февруари 2025, му оневозможи пристап до е-пошта на главниот тужител на Меѓународниот кривичен суд Карим Кан, кој потоа премина на швајцарскиот Proton Mail.Тој инцидент за европските влади ја претвори апстрактната правна грижа – американскиот CLOUD Act, кој му овозможува на Вашингтон пристап до податоците на американските компании без оглед на тоа каде физички се наоѓаат – во опиплива закана.

Франција одговори со најава за преселба на 2,5 милиони работни станици од Windows на Linux, со паралелен премин од Teams, Zoom и Webex на домашната платформа Visio до 2027 година.

Министерот задолжен за јавната управа Давид Амиел ја сумираше мотивацијата без дипломатско ублажување: „Не можеме повеќе да прифаќаме нашите податоци, нашата инфраструктура и нашите стратешки одлуки да зависат од решенија чии правила, цени и ризици не ги контролираме.

Европа троши милијарди на американски сервери

Од април сликата значително се прошири. Европската комисија во текот на пролетта го претстави таканаречениот Технолошки суверенистички пакет, кој ги обединува предложениот закон за облак и вештачка интелигенција, втората генерација на законот за чипови и стратегијата за отворен код. Комесарката Хена Виркунен, задолжена за технолошки суверенитет, безбедност и демократија, ја опиша позадината на пакетот со оцена дека „технолошката моќ стана геополитичка“ и дека развојот на европските технологии повеќе не е само прашање на конкурентност, туку и на безбедност и демократија.

Во април Комисијата додели и шестгодишен рамковен договор вреден до 180 милиони евра на европски даватели на облак услуги, оценувајќи ги според новиот систем на таканаречени SEAL нивоа – од SEAL-0, кој не подразбира никаков реален суверенитет, до SEAL-4, кој бара целосно европски синџир на снабдување, од чипови до софтвер.

Според податоците на Cigref, француското здружение на ИТ директори, дури 83 проценти од европската потрошувачка на облак и софтвер (околу 264 милијарди евра) сè уште одат кај американските компании, додека Gartner проценува дека глобалната потрошувачка на суверен облак во 2026 ќе скокне за 35,6 проценти, на 80 милијарди долари.

Заштеди

Конкретните бројки почнуваат да пристигнуваат и од самите миграции, вклучувајќи и постари, добро документирани примери на кои сега се повикува Париз. Тулуз по преминот од Microsoft Office на LibreOffice во 2012 година, во првите три години заштеди околу еден милион евра, со трошок за миграција од 800.000 евра наспроти 1,8 милиони евра колку што дотогаш плаќаше за лиценци секои три години.

Италијанското министерство за одбрана проектира заштеда од 29 милиони евра на своите 150.000 компјутери.

Германската покраина Шлезвиг-Холштајн, која Париз редовно ја цитира како доказ за изводливост, во 2026 ќе заштеди повеќе од 15 милиони евра на лиценци со еднократно вложување од 9 милиони, а министерот за дигитална трансформација Дирк Шретер ја спореди зависноста од Microsoft со европската зависност од рускиот гас.

„Дигиталниот суверенитет е подеднакво важен како енергетскиот суверенитет“, рече тој.

Француската жандармерија, од друга страна, е пример дека тоа веќе еднаш успешно е направено: нејзините 103.164 работни станици работат на GendBuntu, сопствена Linux дистрибуција што службата ја воведе уште во 2008, со годишна заштеда од околу два милиони евра на лиценци и намалување на вкупниот трошок на сопственост за околу 40 проценти.

DINUM во февруари 2026 токму жандармеријата јавно ја истакна како модел на управување за остатокот од државната управа, но критичарите предупредуваат дека она за што ѝ биле потребни речиси две децении постепено воведување тешко може да се повтори во преостанатите министерства за само неколку месеци.

Одговорот на Microsoft

Microsoft на сето тоа повеќе не молчи како во април. Компанијата во Брисел најави правно оспорување на секој налог за запирање на облак-услугите на европските владини корисници и воспоставување европски одбор на директори, составен исклучиво од европски државјани, кој ќе го надгледува работењето на центрите за податоци во согласност со европското право.

Но аналитичарите предупредуваат дека ништо од тоа не ја менува правната суштина на проблемот: CLOUD Act сè уште е во сила, Microsoft останува компанија со седиште во САД, а апсолутна гаранција дека европските податоци никогаш нема да бидат предадени на американските власти едноставно не постои.

Не се согласуваат сите ниту околу тоа дали францускиот потег воопшто е рационален. Даниел Кастро, аналитичар во вашингтонскиот Центар за иновации во податоци (Center for Data Innovation), оцени дека директивата на DINUM го става суверенитетот пред секојдневната продуктивност без ниту една објавена анализа на трошоци и придобивки што, според него, не е случајно, туку намерна избор.

Она што останува непроменето е насоката. Данска, чии Копенхаген и Орхус спроведуваат фазен излез од екосистемот на Microsoft, Италија, Австрија и сега веќе повеќе од 800.000 државни работни станици низ Европа одат по истиот пат по кој во април тргна Франција. Разликата е во тоа што она што пред пет месеци беше најава, овој септември се претвора во рокови, бројки и, сè почесто, во признанија дека лесен излез од американската технолошка инфраструктура нема.