Косовскиот премиер Албин Курти денеска изјави дека на Косово не му се потребни нови избори туку поголема институционална стабилност и подготовка за правна и дипломатска одбрана на поранешните лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК) пред Апелацискиот суд.
– Косово нема луксуз да губи време на непотребни кризи. Нема потреба да се оди на безброј избори само за да се вратиме на истата точка, истакна Курти на владина седница.
Тој додаде дека во текот на викендот имал состаноци со претседателите на Демократската партија на Косово и Демократската лига на Косово, а усвојувањето на декларацијата во Собранието со 99 гласа го оцени како прв заеднички чекор. Во декларацијата се наведува дека Косово се спротивставува на осудата на поранешните лидери на ОВК и повика на заедничка стратегија за нивна одбрана во второстепената постапка.
Курти ги повика парламентарните партии да соработуваат по ова прашање, нагласувајќи дека активностите треба да се координираат со адвокатските тимови и правни експерти.
Специјалниот суд за Косово на 16 септември ги осуди поранешните лидери на ОВК, Хашим Тачи и Јакуп Красниќи на по 25 години затвор, Кадри Весели на 18 години затвор, а Реџеп Селими на 13 години затвор.
Специјалниот суд за Косово со седиште во Хаг е формиран во 2015 година од страна на косовскиот парламент за да суди случаи на воени злосторства првенствено против поранешни борци на ОВК. Судот е дел од косовскиот судски систем, но работи со меѓународни судии и адвокати.




