Последно време, во Македонија се случува и застрашувачка ендемска појава во правниот систем: Различното „толкување“ исти законски решенија од неовластени субјекти, нивно менување, без официјална процедура и проценка…исклучиво од потребите на власта и на дневна основа, со несфатлив дилетантизам не` доведоа до речиси нерешливи состојби! На пример, надвор од Уставот и прописите, задолжителниот референдум се прогласи за консултативен; една третина од гласачите се здобија „демократски“ статус на „порамноправни“ од другите две третини; противуставното постапување од власта е прогласено за наднационално; неуставно се воведе некакво „џебно вето“; импотентни писмени „гаранции“ за давање мандат; се спроведе амнестија под име на аболиција, но и аболиција под име на селективна амнестија; се објавуваат закони без указ… итн, со сесрдна помош на меѓународната и официјалните институции на системот, основани и одговорни за негова контрола, заштита и функционирање.
Последниов случај е помилувањето на учесниците на настанот од 27 април 2017. Дел од нив, беа помилувани со Закон за амнестија, на селективна основа, што само по себе е спротивно на поимот „амнестија“ кој се однесува на с и т е учесници на еден настан! Селективноста зависеше од потребата на власта за обезбедување потребен број гласови во парламентот во Процесот на идентитетскиот геноцид, а согласно препорачаната „балканска метода“ од оние „меѓународни“ кои божем, инсистираат на функционирање на правната држава и демократијата!.
Се очекуваше веднаш по донесување на Законот за амнестија, Претседателот на МК (ПМК) п о и м е н и ч н о да ги помилува со свој акт за аболиција и останатите учесници на истиот настан, со што би ја исправил правната неправда извршена со Законот за амнестија.
Деновиве разбравме дека до Претседателот на МК се поднесени барања од осудените за истиот настан, до ПМК заради помилување.
Но, од министерот за правда Десковска (МП), експресно беше соопштено дека:
1. ПМК нема право непосредно да помилува според членот 11 од Законот за помилување (ЗП), туку дека постапката оди преку Министерството за правда, поради тоа што членот не бил „оживеан“ и дека,
2. Во предизборието на претседателските избори (ПИ) ПМК немал право да помилува.

1.За „немањето право“ ПМК непосредно да дава помилување според чл.11 од ЗП

1.1.Според основниот ЗП од 1993. Година, ПМК
Член 8
Во постапката за помилување судот и другите надлежни органи можат да собираат податоци и известувања потребни за решавање по молбата и од други органи и институции. Судот пред да ја достави молбата за помилување до Министерството за правосудство и управа ги проверува фактите и околностите важни за решавање, на кои се повикува подносителот во молбата и извештајот за тоа го приложува кон молбата.
Член 9
Министерот за правосудство и управа веднаш по приемот ја разгледува молбата и другите списи и заедно со свој предлог ја доставува до претседателот на Републиката.
Член 11
Претседателот на Републиката по исклучок може да дава помилување и без спроведување на постапка за помилување пропишана со овој закон кога е тоа од интерес за Републиката, или кога посебни околности што се однесуваат на личноста и на кривичното дело укажуваат дека е тоа оправдано.

1.2.Според Законот за измени и дополнувања на ЗП од 2009.:
Член 10
„Членот 11 се брише.“

1.3.Според Одлуката на Уставниот суд од 2016.:
Законот за измени и дополнувања на ЗП од 2009 се укинува.

1.4.Мислењата на правни експерти и политичари, носители на високи државни функции во однос на последиците од Одлуката на Уставниот суд, се спротивставени
А.Џафери смета дека, Уставниот суд, со укинување на Законот од 2009. (со кој е избришан членот 11 од ЗП) го враќа во правна сила членот 11.
Проф.д-р Гордана Силјановска Давкова, и други домашни и странски експерти, сметаат дека со укинување на Законот, Уставниот суд нема надлежност, ниту може да се смета дека, автоматски го „оживува“ избришаниот член 11, што е во исклучива надлежност на законодавниот орган – парламентот. Основано се изразува сомнение во основаноста на овој став. Имено, која е смислата на укинувањето на одредба со која се укинува претходна одредба, ако не реституција на претходната? Но, ако условно прифатиме дека тоа е точно, тогаш би требало, по принцип на аналогија – за сите закони кои се укинати/поништени со одлука на Уставниот суд, Собранието да донесува посебни закони со кои тие закони би биле дополнително укинати/поништени, затоа што, „Уставниот суд не е законодавна власт“?! А дотогаш би биле во правна сила, бидејќи, нели, „Уставниот не е законодавен орган“?!
Ако Уставниот суд не е надлежен Орган за „оживување“ на законски одредби, по која основа би бил надлежен за „умирање“ на законски одредби?!

1.5.Според Законот за дополнување на ЗП од 2016.:
Член 1
Во Законот за помилување („Службен весник на Република Македонија“ број 20/1993), по членот 11 се додава нов член 11-а, кој гласи:
„Член 11-а
Претседателот на Републиката може во рок од 30 дена од денот на донесувањето на овој закон да го поништи помилувањето дадено без претходна постапка за помилување. Претседателот не е должен да ја образложи одлуката од ставот 1. Лицето за кое е донесена одлука за помилување има право до претседателот на Републиката да поднесе барање за поништување на одлуката за негово помилување. Претседателот на Републиката е должен во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето од ставот 3, да ја поништи донесената одлука.“.

З а к л у ч о к:
а) Со членот 11 е утврдено правото на ПМК да врши помилување на вонреден начин (1993.), кој потоа, со Закон (2009.) е избришан, за потоа, тој ист Закон, со Одлука на Уставниот (2016.) суд да биде укинат! Оттука, оправдано може да се смета дека членот 11 е во правна сила, бидеќи Законот со кој тој е избришан, е укинат од Уставниот суд!

б) Воедно, како поткрепа на важењето на членот 11, зборува и Законот за дополнување на ЗП од 2016., според кој:

– Членот 11 е „ОЖИВЕАН“, бидејќи Законот, со членот 1 реферира на членот 11 од Законот, и после него воведува и нов член 11-а, кој исто така реферира на членот 11;

– Не се утврдува пренумерација на останатите членови на Законот што би произлегло доколу Законодавецот утврдил дека членот 11 се смета за избришан, а согласно ПРАВНАТА ТЕХНИКА;

– Воведувањето нов член 11-а е во контекст на „ОЖИВУВАЊЕТО“ на членот 11, кој му е последователен и е во контекст на истиот член;

– Воведувањето на новиот член 11-а е конскевентен и конзистентен на политиката утврдена со членот 11. Имено, спротивно на оспорувањето на МП на ЕКСЛУЗИВНОТО право на ПМК за помилување надвор од процедурата во која е вклучено МП, со членот 11-а се утврдува точно такво ЕКСКЛУЗИВНО право на ПМК за поништување на своето, веќе дадено помилување и тоа без учество на МП во постапката!

в) Но дури и под претпоставка дека членот 11 е „мртов“, постапката за помилување преку МП, според ЗП е ИТНА, посредничка и завршува кај ПМК и негова одлука како инокосен, уставно овластен државен орган!

2. За наводното: „Немање право ПМК да помилува во предизборието“

Во Изборниот законик се содржани низа одредби кои децидно ги утврдуваат случаите кои не смее да се вршат од органите на власта, а во услови на Предизборие.
Меѓу нив, не е содржана одредба со која на ПМК му се ограничува неговата уставна надлежност да врши помилување. Уставот вели дека ПМК го врши помилувањето „во согласност со закон“, но не вели дека со закон може да му бидат ограничени уставните надлежности!
Дали, според „толкувањето“ на МП – дека во предизборието ПМК се ограничува во вршењето на своите уставни надлежности, значи дека, и Претседателот на Собранието, кој би ја вршел ф-цијата на ПМК, по престанокот на мандатот на Иванов (после 12.Мај) и тој, би имал о г р а н и ч е н и надлежности при евентуални продолжени, обновени…постапки на ПИ, во неизвеснен, временски неограничен период, се` до изборот на ПМК?!
Патем, нели тоа би значело подолготрајно блокирање на значаен дел на надлежностите, односно на вршењето на функциите на сите органи на власта во продолженото предизборие, во вид, обем и содржина надвор од пропишаното во Изборниот законик, а според потребите и „толкувањето“ на власта?

З а к л у ч о к :
Во соодветните прописи за оваа материја не е предвидено ограничување на правото на ПМК за давање помилување, а тоа право не е ограничено ниту за друг државен орган.
Од МП, ниту од други ф-ционери не беа посочени одредбите со кои ограничувањето е утврдено.
Кои се тие надлежности и каде се тие утвдени?
(Освен, можеби, доколку во некоја странична материја неконзистентно се регулира и ова прашање…)