Државниот завод за ревизија во извештајот за работењето на Институтот за јавно здравје во 2024 година утврдил сериозни неправилности во финансиското и кадровското работење на институцијата. Наодите денеска ги презентираше директорката Марија Андоновска, која информираше дека целокупната документација е доставена до надлежните институции.

Според Андоновска, до Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство се предадени 20 класери со документација и докази кои произлегуваат од ревизорскиот извештај. Таа посочи дека ова е прва ревизија во Институтот по 2017 година.

Еден од најсериозните проблеми што ги констатирале ревизорите е управувањето со реагенсите. Во институцијата бил утврден недостиг на реагенси, без притоа да постои соодветна евиденција за нивната количина и состојба. Според директорката, реагенсите се набавувале и чувале без воспоставени протоколи, што отвора сомнежи за неодговорно управување со јавните ресурси. Таа нагласи дека во меѓувреме се воведени нови процедури и систем за следење на залихите.

Ревизијата открила и сериозни пропусти во кадровското работење. Според Андоновска, околу 20 проценти од вработените со години не се појавувале на работа, а редовно примале плата. Дел од нив, како што тврди, плаќале по околу 200 евра на други лица за лажно да го евидентираат нивното присуство на работното место.

Утврдени биле и случаи на вработени кои немале положено административен испит, иако тоа било законски услов за извршување на работните обврски. Овие лица, според директорката, повеќе не се дел од институцијата.

Посебен дел од ревизијата се однесува на исплатата на плати и надоместоци. Биле констатирани случаи во кои административни работници добивале надоместоци за активна и пасивна приправност, иако според прописите тие следуваат исклучиво за медицински персонал. Во одредени случаи овие додатоци достигнувале и до 108 проценти од основната плата.

Како пример за несоодветна распределба на средствата беше посочен случај на архивар со основна плата од 98.000 денари. Дополнително, биле исплаќани и награди за таканаречено „домаќинско работење“, иако таква категорија не постои во колективниот договор.

Ревизорите откриле и случаи на редовно вработени лица кои истовремено имале склучено договори на дело со истата институција. На овој начин, покрај редовната плата, тие добивале дополнителни месечни надоместоци кои се движеле од 44.000 до 88.000 денари, на едно вработено лице за архивска граѓа – како на пример, за чистење двор .

Според Андоновска, поради ваквите практики, Институтот секој месец исплаќал меѓу пет и шест милиони денари повеќе од предвиденото со колективниот договор. Таа посочи дека оваа сума е еквивалентна на набавка на едно амбулантно возило месечно.

Директорката оцени дека ревизорскиот извештај покажува сериозни системски слабости и финансиски оштетувања на буџетот на Институтот за јавно здравје, поради што случајот е предаден на натамошно постапување на истражните органи.