Нашата политичка заложба е во 2026 година да бидеме подготвени и по налог на Државниот завод за статистика, тогаш кога ќе треба, кога ќе се донесе законот да спроведеме електронски попис, изјави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

Директорот на Државниот завод за статистика, Дејан Станков, пак, вели дека следниот попис на населението е планирано на глобално ниво да се спроведе околу 2030 година и нагласува дека целта е следниот попис на население да биде спроведен електронски, односно со користење на административни извори.

Нашата политичка обврска, нагласи Андоноvски е да ги направиме сите подготовки за дигитален попис.

– Јасно е, тоа беше наведено и во програмата на Владата и програмата на партијата, дека во 2026 година треба да се работи на тоа, но ги знаеме правилата на Евростат дека тоа се случува на 10 години, што значи дека ние во овој период мораме да работиме на сите регистри, на интероперабилноста на податоците, за да бидеме подготвени да го направиме тоа. Имаме време од денес до рокот кога што треба да се спроведе тој попис, да ги тестираме фазите, секако под водство на Државниот завод за статистика, и сме сигурни дека во моментот кога ќе дојде пописот, ќе им веруваме и на резултатите и на методологијата врз основа на која што тој ќе биде направен – изјави Андоновски.

Toj, исто така, се осврна и на критиките на Пописот 2021, нагласувајќи дека имало причини за тоа.

– Голем дел од активностите не беа извршени на вистинскиот и правилен начин според методологијата. Второ, се вршеше попишување на лица во странство кои воопшто не се резиденти на државата, под неразјаснети околности и на неразјаснети начини. Се случуваше да има пакети со пасоши кои се попишуваа како да се луѓе, нешто што не смееме да го дозволиме на следниот попис – изјави Андоновски.

Сега, според него, сме подобро подготвени, посочувајќи дека секој работи на своите регистри, а Државниот завод за статистика, по координација со сите нас, ја развива методологијата за тоа како тие податоци да се споделуваат и да бидат достапни за граѓаните и институциите.

Директорот на Државниот завод за статистика, Дејан Станков, нагласи дека огласно меѓународните стандарди, исто согласно резолуцијата која што минатата година беше донесена на Генералното собрание на Статистичката комисија во рамки на Обединетите нации, следниот попис на населението е планирано на глобално ниво да се спроведе околу 2030-та година.

-Државниот завод за статистика како сериозна институција започна со подготовки на следниот попис на население и започна со активности за воспоставување на статистички систем базиран на регистир. Нашата цел е следниот попис на население да биде спроведен електронски, односно со користење на административни извори – изјави Станков.

За таа цел, посочи Станков, започнати се активности за воспоставување на статистички регистри на население каде што заедно со институциите кои се носители на административните збирки на податоци се работи на испитување на квалитетот на податоците.

– Она што како држава мора да го направиме во наредниот период е сите заедно да работиме, сите институции за подобрување на квалитетот на административните извори, односно да го доведеме до ниво што е соодветно за статистичките стандарди и на тој начин спроведеме попоис базиран на регистри, рече директорото на ДЗС.

Регистарот на население, нагласи Станков, овозможува и други придобивки, како што е процена на населението базирано на сите административни извори, а не само како што е сега врз основа на виталните статистики и податоците за миграција и емиграција, каде што извор е Министерството за внатрешни работи.

-Со Министерството за дигитална трансформација имаме одлична соработка и тоа е нешто што ветува дека следниот попис на населението ќе биде успешно спроведен со користење на регистри, имајќи предвид дека во Министерството за дигитална трансформација се води и администрацијата на регистарот на населението. Така што продолжуваме заедно со Министерството за дигитална трансформација, како институција која што е носител на администрацијата на регистарот на населението, но и со другите институции кои што се носители на останатите регистри, да работиме заедно и како држава да го спроведеме следниот попис на населението исклучиво врз административни извори – изјави Станков.

Според статистичките стандарди, тој нагласи дека законот кога се спроведува попис треба да биде донесен најмалку една година пред спроведувањето на пописот, и дека денес сме многу поспремни за разлика од пред 5 или 10 години за спроведување на електронски попис, со оглед дека применуваме кон користење на административни извори.

Во однос на резидентното и нерезидентнот население, Станков вели дека е позната појава дека населението кое што стекнува резидентен статус во странство не го одјавува својот резидентен статус во државата и тоа е една од главните слабости, но тие слабости ги надминуваат со статистички методи.

-Затоа велам дека не можеме единствено да се потпираме на еден административен регистар. Затоа ние, во рамки на статистичкиот регистар на население, користиме повеќе регистри и статистичка методологија која што овозможува точно детектирање на резидентноста на населението и елиминирање на овие поединечни слабости – изјави Станков.

Државен завод за статистика, како што нагласи, ќе ја зема предвид препораката на Уставниот суд и постапуваме согласно овие принципи.

-Ќе ја земеме предвид препораката на Уставниот суд, која е донесена во одреден временски период, согласно статистичката методологија и согласно генералните стандарди, нема потреба од опфаќање на нерезидентното население, затоа што целта на пописот е детерминација на резидентното население, односно населението кое што живее во државата, и тоа е и основна статистичка дефиниција – појасни Станков.

Фото: МИА