Прво, честитки на изборот на двоецот Бајден/Харис. Очигледно е дека се работи за комбинација на младост и зрелост, колаж од етнички и религиски различности и (пре)долго политичко искуство. Интересни за гледање беа и критиките на Камала Харис кон Бајден во текот на прелиминарната кампања во Демократската партија. Но, и критиките кон нејзе за нејзината работа како обвинител. Спротивностите некогаш се привлекуваат.
Второ, изборите не се посакуван пример за демократски избори за „лулката на современата демократија“. Она што САД го „извезува“ во светот: фер шанса, владеење на право, почит, дебата базирана на докази, политики наспроти политикантство, не успеавме да го видиме во изборниот процес. Срамни дебати, лоши видео спотови, нејасен и комплексен изборен ден, пријави за нерегуларности, навреди од сите страни… Дефинитивно, не е ова онаа Америка која треба да биде пример во светот. За жал.
Трето, сериозни проблеми се пред новиот тим. Длабока политичка, идеолошка, економска, класна, расна и секаква друга раслоеност и поделеност. „На нож“ се спротиставените табори едни со други. Како и да не постои простор и зрак за соработка. Непризнаени резултати од познати адвокати и политичари. Тоа се виде и во пресовите на тимот на Трамп и во прославите на тимот на Бајден. Време за триумфализам нема, особено во време на криза, ќе биде потребна соработка и градење доверба. И остануваат темите на економија (кај Бајден не видовме некој јасен стратешки пристап), меѓународни односи (да се поништи сè што е досега направено не сметам дека е добар чекор), климатски промени, односот со Мексико, Иран, Блискиот исток. Потребни се брзи и стратешки одлуки за да се смири разбрануваниот океан.
Четврто, неколку коментари за Трамп. Најнеполитичарот во еден мандат успеа да се „скара“ со цела домашна јавност, додека се „смири“ со цел свет. Во исто време решаваше конфликти помеѓу Израел и арапскиот свет, додека се расправаше со Германија, Кина и НАТО членките. На пријателите од Америка можеби и не им е јасно дека Трамп во светот го гледаат како успешен претседател. Во своето портфолио не запиша почеток на ниту една војна, имаше добри потези во сузбивање на светскиот тероризам и глобалните закани. Градеше трансакциски мостови на соработка помеѓу државите. За жал, таквите мостови ги изгори во сопствената држава. Неговиот кабинет посведочи десетици крупни кадровски промени (заминуваа и доаѓаа портпароли, шефови на кабинет, директори на клучни институции, амбасадори). Се скара со сите поголеми телевизии, олигополот на социјални медиуми, невладините организации, претприемачите и иноваторите. Остана во одличен однос со крупната бизнис елита, ја врати економијата во полна сила за време на најголемата здравствена криза во последниот век. Беше она што и се очекуваше – бизнис шоумен во улогата на својот живот во најголемото реално шоу – „како да се биде претседател“. Републиканците, од своја страна, не треба да очајуваат. Имаат одличен напредок, а конзервативизмот, што заради Трамп а што заради и новите трендови, е во полн налет. Потребно ќе биде брзо изнедрување на нови републикански лидери кои ќе поведат кон победа на изборите за 2 години, за финалето да се случи во 2024.
И последно, а најважно: што значеа изборите за Балканот и Македонија? Ништо посебно. Можеби за прв пат „беревме туѓо гајле“ наместо своето, па беше ова добра забава. Политички и економски не треба да очекуваме голем интерес на САД за овие простори (за жал или за среќа не сме интересни како во 90тите години). Бајден добро го познава Балканот, и можеби тоа ќе биде одредена предност. Иако многу работи се променети од распадот на Југославија. За Македонија, стратешкото партнерство треба да го градиме и понатаму и да останеме кредибилен партнер на единствената светска сила која било кога сакала да ни помогне. Интересите на нашите две држави биле блиски, а САД се единствените кои и во пракса покажале дека се пријатели. Можеме да ги заборавиме соништата за мајка Русија, далечна Кина или некој од „втората постава“. Тие никогаш не поминале од зборови кон дела. САД биле, се и остануваат да бидат наш најголем партнер во градењето на успешна држава.