Двесте илјади евра од граѓаните ќе потроши градоначалникот на Скопје Петре Шилегов за новогодишно украсување на градот.

Град Скопје уште во септември го објави тендерот, а проценетата вредност на договорот е 200.000 евра без ДДВ.

– Декорирањето и украсувањето за време на новогодишните празници треба да е на високо естетско ниво, во духот на модерното време на живеење, со современ и атрактивен дизајн, уметнички и ликовни ефекти, се вели во тендерот што е објавен на веб страницата на Бирото за јавни набавки.

Градоначалникот Шилегов вели дека градот кон почетокот на декември ќе биди украсен, а дали ќе има новогодишен пречек и дали ќе се одржи манифестација Винтерленд, ќе зависи од епидемиолошката слика односно од состојба со коронавирусот.

Лани новогодишното украсување на Скопје чинеше 260.000 евра, а за новогодишната ноќ пееше босанскиот пејач Дино Мерлин, чиј настап, како што тврдеше Шилегов, бил платен од спонзори. Но, остана несјаснотии околу тоа.

Денеска во врска со ова се јави советничката група на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ и предложи Шилегов овие пари да ги намени за купување на ИТ уреди за децата кои немаат такви уреди за следење на онлајн наставата.