За една земја која што е кандидат и која што сака да биде дел од ЕУ постојат би рекол три паралелни темели на кои што треба да го базира својот демократски развој. Првото е што е слоганот, или логото на ЕУ, а тоа е „еднакви сплотени во различностите“ – in varietate concordia, истакна Стефан Андоновски, секретар за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ во емисијата „За или против“ на Алфа телевизија.

„Вториот аспект кој што исто така е многу важен, се критериумите од Копенхаген, и ние често ги забораваме тие критериуми, најмногу затоа што во европскиот пат на Македонија кој што трае еве повеќе од 25 години ние постојано имаме нови условувања од страна на билатерални прашања на нашите соседи. Поради тоа забораваме која е основата. А, основата на Копенхагешките критериуми или првото барање е дека државата мора да гарантира демократија, владеење на право, почитување на човекови права и правата на малцинствата кои што ги има во своето општество“, појасни Андоновски.

Андоновски додаде дека третиот аспект е важењето на Европската конвенција за човекови права. Зошто? Затоа што ЕУ во својот развој како економска заедница никогаш не развивала прашања за правата на човекот и граѓанинот, туку тие ги преземала од Советот на Европа.

„Овие три дена се случува конференција, панел дискусија на која што се наредени сите владини претставници и кои што зборуваат за европски вредности. Таа ја нарекуваат годишна конференција која што мене многу ми наликува на партиска збирштина. Зошто користам волку тврд израз? Затоа што користејќи народни, граѓански, наши пари, стотици илјади евра тие организираат прескап настан во еден од најскапите хотели во Скопје, во кој што си се промовираат себеси како проевропски или европски фронт“, заклучи тој.

Тој посочи дека власта деновиве го дели граѓанското ткиво и во однос на овој настан, како да не беше доста што го поделија по социјална основа, економска, етничка. Сега власта го дели народот кој е проруски ориентиран и кој е проевропски.

„И тие сами се дрзнуваат да кажат дека тие самите се Европејци, и дека сите други кои што не мислат како нив се антиевропејци“, појасни Андоновски.

„И јас со ова не можам да се согласам ниту една секунда. Зошто? Затоа што од таа страна која што ги критикува тоа е опозицијата, било да е македонската опозиција или албанската опозиција, прво имате луѓе кои што своето образование го завршиле во Европа или светот. Имате и политички партии кои што од првиот ден, од 90-тата како што е ВМРО-ДПМНЕ кажува дека се залага силно за евроатлантски интеграции на Македонија, интеграција во НАТО и интеграција во ЕУ, уште кога Сојузот на комунисти, СКМ-ПДП или Социјалдемократскиот сојуз денешен се повикуваше за мала Југославија заедно со Слободан Милошевиќ. Тоа не треба да се заборави“, рече тој.

Андоновски порача СДС и ДУИ со свои пари нека си организираат партиски конвенции, но со народни пари да не организираат скапи конференции за да се фалат дека се Европејци, тоа е недозволиво.