Институции се измислуваат постојано, односно за секој заслужен партиски војник на СДСМ и ДУИ ние имаме нова институција која се формира за човекот да може да стане директор и да зема висока плата. Сметам дека со постоечките и нивна реорганизација можеме да постигнеме подобар ефект отколку одново да создаваме нова институција.
Ова во интервју за КУРИР го истакна дополнителниот заменик министер во Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), Стефан Андоновски, кој обзнани документи, најави ревизија, но и одговорност.
Во каква состојба го затекнавте Министерството за информатичко општество и администрација и што направивте од примопредавањето до сега. Практично кои се вашите обврски и ингеренции?
-Кога имате избори за 100 дена, а вие влегувате во една техничка Влада чија основна надлежност е организација на изборите, задача на МИОА е да гарантира дека ќе се тргне бремето од партиски вработувања, пристисоци врз јавната администрација, но и да се гарантира фер, еднакво учество на јавната администрација во изборите. Од првиот ден на моето влегување наидов на една коректна комуникација од страна на министерот, но не и на коректна соработка. До сега немам пристап до системот на е-влада, не ги добивам информациите, органичен ми е пристапот до документација на МИОА, иако побарав увид. Мој сомнеж е дека најверојатно нешто се крие и затоа не ми се овозможува целосен пристап. Одредени предмети намерно се чуваат во фиока во рамки на МИОА. Друг аспект кој е многу важен за кој успеавме да се избориме, а тоа е да вршиме ние контрола со двоен потпис на сите согласности за вработување, годишни планови и систематизации и тоа го правиме ревносно, а таму каде што забележуваме недоследности веднаш реагираме и се надевам и во наредниот период тоа ќе биде така се до распишување на изборите.
На вашиот прв работен ден ги испочитувавте и се сретнавте со младите луѓе од ИТ секторот. Што Ви велат тие, што очекуваат од вас и какви се нивните барања?
-Младите кои работат во ИТ секторот, но и оние кои се фриленсери очекуваат една ревносност и активизам од страна на институциите. Најмногу се жалат на големата бирократизираност на системот, затоа што таа нив ги одвраќа од водење бизнис во Македонија и од прибирање на средства од странство во Македонија, па чести се дискусиите дека тие имаат дебитни картички во странски банки во соседството и таму ги вадат своите пари. Ние треба да имаме ниски даноци, рамни, предвидливи и намалена бирократизираност која ќе им го олесни пристапот и до банките и до финансиските институции и лесно да водат бизнис во Македонија. Но, овие луѓе имаат чувство на надеж и кај нив забележувам амбициозност да бидат подобри и да ја движат Македонија и општеството и се надевам дека тие ќе бидат моторот на дигитализацијата понатаму, но и мотор на подобврување на процесите и на демократијата, развојот и на отворањето на бизниси во Македонија.
Обзнанивте афера каде откривате дека за 6 години, власта создала 56 нови институции, може ли малку подетално да и објасните на јавноста околу тоа?
-Во 2017 година сме имале 1299 институции, за денес во 2024 година да имаме повеќе од 1360, што значи дека бројката што ја кажав најверојатно е и поголема. Само за една година, 2023/2024 година 18 нови институции се формирани. Но, луѓето не добиваат поквалитетни услуги, напротив бројот на директории, на одбори е зголемен, а вработените остануваат оние кои што се. Ако сите анализи на странски и домашни експерти покажуваат дека во Македонија треба да има околу 12 инспекторати, во моментов ние имаме 29 инспекторати… Вакви институции се измислуваат постојано, односно за секој заслужен партиски војник на СДСМ и ДУИ ние имаме нова институција која се формира за човекот да може да стане директор и да зема висока плата. Сметам дека со постоечките институции и нивна реорганизација можеме да постигнеме подобар ефект отколку одново да создаваме нова институција.
Низ медиумите периодов наназад гледавме наслови за партиски вработувања во јавната администрација. Дали ќе има некаква ревизија, што ќе превземете околу тоа?
-Од податоците кои се до сега систематизирани, во моментов се отворени над 2.800 позиции и работни места. Тоа е проблерматични бидејќи тоа е направено со одлука на Владата, која одлучува дека ќе ги трансформира луѓето кои биле ангажирани на определено време или договор на дело во неопределено, но тоа не го прави со закон, туку го прави на Јавен повик. Практично има јавни повици на кои аплицираат луѓе кое веќе се знае дека ќе бидат примени, што значи дека ниту еден друг граѓанин нема шанси да учествува во тој компетитивен процес.
Дел од овие постапки се комплетно незаконски и до сега стигнавме до еден сериозен податок, за ова пишуваа и дел од медиумите, но сега веќе имаме и документи.
Имено станува збор за ЈП „Паркови и зеленило“- Скопје, кое што има отворено бројни позиции, во јавноста проструија информации за 95, некои зборуваат дека бројката стигнува со некои огласи и до 200 вработени. За што станува збор? Добиена е согласност од МИОА за годишниот план за вработување врз основа на лажен исказ. Тоа е дека ЈП доставило доказ до Министерството дека годишниот план до денес за 2024 година 27.10 не е ставен на седница на Совет на Град Скопје и не е донесена одлука за согласност или доставени забелешки. Ова е испратено на 27.10, а Паркови и зеленило веќе имало информација дека еден ден претходно Советот ќе одржи Седница и на таа седница нивната точка за годишниот план ќе биде 14- точка на дневен ред, значи за ова е информиран 7 дена претходно, околу 19.10. што значи дека директорот на Паркови и зеленило имал 5-6 дена да дознае дека веќе е закажана седница на која што точката за годишниот план за вработување е на таа седница, но тој и покрај тоа што го знаел, го известил министерството дека не му е дадена согласност, односно дека нема таква седница на која ќе се дискутира согласноста. За волја на вистината советот ја разгледал и не ја донел одлуката за давање согласност за годишниот план, што значи дека директорот на ЈП немал согласност за носење на годишниот план, но тој сепак го излажал Министерството и тоа му дало позитивно мислење врз основа на тоа т.н. молчење на основачот и во таа постапка тој отворил повик.
Ја повикувам градоначалничката на Град Скопје да ја поништи постапката како орган кој е надлежен за работата на ова Јавно претпријатие, повикувам да биде разрешен директорот на истото, а повикувам и сите институции кои се надлежни за вработувањата и инспекторатите кои се надлежни за управните постапки да постапат во овој случај и да го утврдат она до кое што ние дојдовме како информација, а тоа е дека директорот на „Паркови и зеленило“ бил информиран претходно дека ќе се одржи таква седница, но тој и покрај тоа доставил допис во кој што вели дека основачот не закажал седница и не го разгледувал ова барање.
Вакви ситуации има повеќе, за жал немам доволен пристап до сите информации, но за тоа што имам, можам да кажам дека станува збор за уште неколку сериозни прекршувања на постапката за вработување каде што се опфатени десетици луѓе.
За сите овие предмети, за сите овие вработувања ќе следи детална ревизија во наредниот период и до изборите, но и потоа и тврдам дека сите одговорни ќе сносат одговорност.
Андоновски одговара и за тоа кој е патот до професионална, независна, и ефикасна адинистрација која ќе биде во функција на граѓаните, како и за очекувањата за наредниот период и по изборите…
Целото интервју со него, во видеото во продолжение.