Во Основниот суд во Велес денеска беа изречени пресудите на обвинетите за лекари од гевгелиската болница, за смртта на родилката, Маја Кадиева и нејзиното новороденче.
Анестезиологот Томчо Ванчев е осуден на 4 години затвор и пет години забрана да се занимава со дејноста, додека гинеколозите Венци Чалков и Дончо Москов се ослободени од вина.
Ванчев беше обвинет дека нестручно ја спровел анестезијата, што довело до смрт на пациентката, а притоа, тој бил и под дејство на алкохол. Гинеколози Чалков и Москов беа обвинети дека не ја спречиле операцијата, кога виделе дека нема услови за тоа.
Четвртиот лекар кој учествувал во породувањето, анестезиологот Зоран Јовановски почина непосредно пред судскиот процес.
Маја Кадиева и нејзиното новороденче починаа на породување, на 22 октомври 2015 година.
Сопругот на почината родилка Димитар Кадиев изјави дека делумно е задоволен од пресудата, бидејќи анестезиологот добил затворска казна, но не е задоволен што двајцата гинеколози се ослободени од вина за смртта на неговата сопруга и неговото дете.