Препораките до двете влади за периодот на антиката за учебниците од петто одделение во бугарскиот образовен систем и за шесто во македонскиот образовен систем се усвоени на состанокот на Мешовитата македонско-бугарска експертска комисија што вчера и денеска се одржуваше во Скопје.
Како што информира претседавачот на РСМ на Комисијата, Драги Ѓоргиев по завршувањето на дводневниот состанок, вчера биле усвоени забелешките што едната страна ги има кон другата и обратно за овој период од историјата. Рече дека тие ќе бидат доставени до двете влади кои понатаму треба да постапат согласно процедурите.
Во текот на денешниот ден, членовите на Комисијата расправале за заедничкото чествување на Гоце Делчев.
Ѓоргиев и бугарскиот претседавач на комисијата, Ангел Димитров напоменаа дека за одредени работи експертите од двете земји постигнале согласност во однос на личноста и делото на Гоце Делчев, но за одредени, нивните мислења се спротивставувале.
Нагласија оти оваа тема ќе биде предмет на дискусија и на следната средба на Комисијата што ќе се одржи во септември, а Димитров изрази увереност дека доколку се продолжи со овој конструктивен пристап на состаноците на коишто се почитуваат фактите и си има правилен пристап кон историјата, со сигурност ќе се најде заеднички јазик за заедничко чествување на Гоце Делчев.
Ѓоргиев не сакаше да изнесува повеќе детали околу тоа на кои позиции двете земји се приближиле во однос на Гоце Делчев, а за кои имаат спротивставени ставови.