Советот на јавни обвинители денеска треба да го констатира престанокот на мандатот на обвинителите од Специјалното јавно обвинителство откако во саботата специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која е во притвор поради криминалната афера Рекет, беше едногласно разрешена од членовите на Советот.

По одлуката на Советот, на потег ќе биде јавниот обвинител Љубомир Јовевски кој, доколку одлучи, има можност на обвинителите кои досега ги водеа предметите да им ги додели повторно. Но, гласно се коментира во јавноста, како е можно толку време специјалната обвинителка да биде до гуша влезена во рекетирање, а другите во СЈО за тоа да не слушнале и колку ќе има доверба јавноста во иднина тие да продолжат да ги водат предметите.

Од предметите за кои СЈО покрена над 20 обвиненија, само три се целосно затворени, неколку се вратени на повторно судење или се чека изјаснување на Апелациониот суд.

Откако Јавното обвинителство пред неколку дена ги побара предметите на СЈО, од Специјалното јавно обвинителство експресно одговорија дека се подготвени да ги предадат сите предмети по кои постапуваат со сите списи и докази.

Загриженост и неизвесност за својот статус пројавија и стручниот, административен и помошно-технички персонал на СЈО и  побара помош од странските амбасади. Министерката за правда Рената Дескоска во изјава за МИА рече дека за време на разговорите за законот за Јавното обвинителство предложиле вработените во СЈО да бидат префрлени во републичкото Јавно обвинителство.

Како што е познато во јавноста при вработувањето во службите во СЈО имаше многу непотизам, роднински, партиски и пријателски вработувања, а платите беа енормно високи за македонски услови. Вчера објавивме дека едномесечената заработувачка во СЈО достигнувала и над 3.500 евра, кои се плаќаат од парите од даночните обврзници од кои пак многумина толкав износ не можат да заработат ни во текот на целата година.