Во овој момент има еден активен пожар, што е ставен под целосна контрола и тоа во реонот на Липковската општина, поточно во шумите на Скопска Црна Гора, информира в.д. директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, на денешната прес – конференција.

Во текот на вчерашниот ден имало шест поголеми активни пожари на отворено, а последните десетина дена имало повеќе од 20 пожари на отворено и тоа во општините Чашка, Македонски Брод, Неготино, Гевгелиско Миравци…. Најчести причини за појава на пожарите, информира Ангелов, е човечкиот фактор и затоа апелираше до граѓаните да бидат внимателни и да ја почитуваат делумната забрана за движење во шуми, да не палат оган, скари и да не фрлааат догорчиња и отпушоци од цигари на отворено место.

Упати повик граѓаните да пријават пожар доколку забележат на бројот 195 на ЦУК или на 193 на Противпожарната служба.

Според Ангелов, лимитирани се можностите за гаснење на пожарите и појасни на кој начин се гаснат пожарите на отворено, при што информира дека најпрво задолжени за одговор се Национални шуми, од каде имаат свои тимови за гаснење на шумските пожари, како и Националните паркови кои се должни, подвлече, да имаат свои тимови во нивните паркови, но и ЈП Паркови и зеленило во Скопје кое стопанисува со шумите на Водно, Гази Баба и Градски парк и слично….. Потоа се територијалните противпожарни единици на локалната самоуправа, а во Скопје бригадата за противпожарна заштита.

Апелираше и до сите градоначалници да се погрижат нивната територијална противпожарна единица и тимовите, кои со закон се должни да ги имаат, да ги зајакнат и со опрема, но и со бројност, за да можат да пружат прв одговор при појава на посериозни пожари на отворено или шумски пожари.

– Секоја општина е должна да има тимови составени претежно од вработени во локалната самоуправа или други лица кои во случај на поголем пожар можат да бидат активирани во гаснење. Доколку овие сили на локалната самоуправа не се доволни, тие се должни да бараат помош од соседните општини. Ако и тие сили не се доволни се бара помош од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). ДЗС има два авиона кои моментално не се функционални односно не се функционални повеќе од две години и не може да се смета на нив, изјави в.д. директорот на Центарот за управување со кризи.

Додаде дека ДЗС има и тимови за гаснење пожари на кои може да се смета. Ангелов информира дека разговарал со директорот на ДЗС при што бил информиран дека се работи за надминување на затекнатиот проблем односно околу застојот на тендерот за сервисирање на двата авиона.

– Тие авиони имаат лимитирано дејство затоа што можат да полнат вода само на некои локации. Ние имаме водни површини што имаат концесионери и без дозвола авионите не моѓат од таму да полнат вода. Претходните години се наоѓавме во ситуација кога авионите со кои се гаснат пожарите биле полнети со црево на аеродром, истакна Ангелов.

Оцени дека за наши услови поефикасни се хеликоптерите, кои се со ограничен број и со ограничени можности, повтори, доколку времето е жешко.

Армијата, наведе тој, може да учествува во гаснење на пожари со наредба на Претседателот на државата, со жива сила. Како што нагласи Ангелов, може да се користат и хеликоптерите, чиј број е лимитиран, но и нивната употреба има одредени ограничувања.

– Хеликоптерите треба да бидат последно средство за одговор при пожари. МВР има хеликоптери, но тие не се опремени за гаснење пожари. Задача на полицијата е да го обезбедува местото местото на пожарот, а не и активно да учествува во гаснење. Друг случај е доколку пожарите се од многу сериозен зафат и доколку биде прогласена кризна состојба на дел од територијата на државата поради пожари или на целата територија, рече Ангелов на прес-конференцијата.

Доколку има неколку сериозни пожари на различни локации, истакна Ангелов, не можеме да сметаме на поддршка од воздух, а од друга страна, појасни, употребата на хеликоптери без поддршка на жива сила од земја не дава добри резултати.

Ангелов информриа дека штетите што ги трпи државата од пожарите се огромни и наведе дека во 2017 година штетата направена од пожарите е проценета на околу 31 милион евра, во 2018 година штетата е 1.100.000 евра, во 2019 година е 13.100.000, а во 2020 година, штетата е 1.300.000 евра.