Досега 309.337 граѓани ја искористиле домашната платежна картичка, а вкупниот реализиран промет изнесува 26,5 милиони евра, објави министерката за финансии во заминување, Нина Ангеловска.

– Ова е најобемната мерка од ваков тип која се спровела кај нас, која воспостави нов начин на имплементација. Како антикризна мерка, главни цели на домашната платежна картичка беа да се поддржат целни категории на граѓани во соочувањето со Ковид-кризата и економската активност преку поттикнување на приватната потрошувачка на домашни производи и услуги и на кус рок да се амортизира ударот врз економијата. Но, домашната платежна картичка беше димензионирана и осмислена со цел да донесе и многу други бенефити и системски промени во општеството: креирање свест за купување домашни производи, поттикнување на безготовинско плаќање и промена на навиките, а со тоа дејствување кон сузбивање на сива економија и современа администрација – услуга кон граѓаните без шалтери, документи и поднесување барања, објави Ангеловска на Фејсбук.

Таа во својата објава детално ја појаснува оваа „историска операција“ во Македонија. За време на нејзиното министерување се случи уште една „историска операција“ кај нас – пропадна Еуростандард банка и на цедило остави илјадници граѓани со депозити во оваа банка, а Ангеловска на време го подигнала својот влог, како што појасни, за да купи стан.