Јавноста мора да знае дека буџетот не е „куп пари“ кои ги има државата, па се распределуваат, туку е проекција за тоа како ќе се полни државната каса, објави министерката за финансии, Нина Ангеловска.
– Ќе направиме и правиме се што треба, за да ги задржиме сите работни места и сите деловни капацитети! Го одбравме здравјето на прво место. Тоа значи дека некои мерки кои ќе делуваат за заштита на здравјето, ќе ја успоруваат економската активност. Но ќе го пребродиме ова и ќе излеземе посилни! Многу се зборуваше деновиве на тема буџет. Јавноста мора да знае дека буџетот не е „куп пари“ коишто ги има државата на почеток на годината, па се распределуваат, туку е проекција за тоа како ќе се полни државната каса, односно приходите и соодветно како ќе се трошат собраните пари односно расходите. По завршувањето на месецот, јасно и транспарентно ќе информираме за ефектите на коронакризата врз буџетот, исто како што го правевме тоа и во добрите времиња. Бидете уверени дека правиме се што треба за да ја надминеме оваа ситуација – сите заедно, одговорно и солидарно, порача Ангеловска преку Фејсбук.
Таа само до неодамна тврдеше дека буџетот ни е во одлична кондиција и дека Македонија е подготвена за ударот од коронавирусот. Сега се појавија „дупки во буџетот“ со „широчина“ од 1,3 до 3 милијарди евра.