Новини во мерката за 14.500 денари финансиска поддршка од Владата за исплата на плати за април и мај годинава по вработен, а кои се однесуваат  на зголемување на опфатот на фирмите, олеснување на дел од критериумите и зголемување на флексибилноста, претстави денеска министерката за финансии Нина Ангеловска.

Според неа, станува збор за подобрување на мерката за која се издвоени 100 милиони евра што треба да стартува со примена за неколку дена.

– Се врши прилагодување и дополнителна флексибилност за стопанството. Ова е обемна и сериозна мерка поддржана од Светска банка со 50 милиони евра, која се очекува да опфати 250.000 вработени, а за која компаниите ќе почнат да аплицираат за неколку дена, рече денеска Ангеловска на прес – конференција во Владата.

Таа информираше дека се олабавуваат условите за задржување на бројот на вработени при користење на мерката. Со сегашните услови малите и микро претпријатија можат да го задржат истиот број на вработени минус 15 проценти, средните до минус 10 проценти и големите фирми до минус пет проценти од вработените. Пред промената на овој услов тие беа обврзани да го задржат истиот број на вработени до јули, односно два месеца по користење на мерката.

Воедно, се излегува во пресрет на најпогодените дејности од Ковид-19, односно угостителството, туризмот и транспортот со дополнителна поддршка. Овие три дејности ќе може да ги комбинираат антикризните мерки 14.500 денари по вработен и 50 проценти субвенција на придонеси, што не беше случај досега. Доколку фирмите немале загуба две години по ред, односно за 2018 и 2019 година, не се на листата на должници на УЈП од март 2020 година, заклучно февруари не доцнеле со плаќање на обврски по основ на кредити подголго од 90 дена од денот на достасување ќе можат да ги користат и двете антикризни мерки.

-Со ова, тие ќе може да исплатат поголеми плати на работниците, бидејќи поддршката која ќе може да ја добијат изнесува и до 19.500 денари, рече Ангеловска.

Дополнителна поволност која им се дава на фирмите што ја користат мерката„финансиска поддршка од 14.500 денари по вработен, е можноста средствата кои ги земале преку меркава да им се трансформираат во грант, односно неповратни средства. Претходно беше предвидено компаниите кои би оствариле загуба годинава  да не ги враќаат средствата од помошта.

Се проширува опфатот на мерката и со oние фирми кои последниве две години имаат добивка, кои не се на листата на должници на УЈП и кои до март годинава не доцнеле со плаќање на обврските по основ на кредит подолго од 90 дена од доспеаноста и доколку инвестираат еднаков или поголем износ на добиената поддршка во тренинзи на вработени, надградба на процеси, продуктивен капитал. Средствата и за нив ќе се трансформираат во грант средства.

Со оваа мерка работодавачите добиваат поддршка од 14.500 денари месечно по работник, а пак работникот добива извесност дека ќе го задржи работното место и по завршувањето на кризата, потенцира министерката за финансии.

Мерката е наменета за секоја фирма која ќе нема намалување на приходите од најмалку 30 проценти во април и мај во однос месечниот просек лани,  која нема да исплаќа дивиденди, бонуси, годишни награди, награди за деловна успешност за времетраење на мерката, а просекот од највисоките нето-плати на 10 проценти од вработените да не надминува 120.000 денари по вработен.

Како што појасни Ангеловска, за мерката може да аплицираат фирми за работници за кои се користи мерката за субвенција на придонеси за покачување на плата од 600 до 6.000 денари, таа може да се користи од најпогодените сектори во комбинација со 50 проценти субвенции на придонеси, а може да ја користат и управители и сопственици на микро и мали претпријатија вработени во нив. Компанија која остварила загуба нема да ја врати добиената финансиска поддршка, таа што ќе има добивка ќе врати лимитиран износ до 50 проценти од добивката пред оданочување. Исто така и компанија која оствариле добивка, а која е „здрава“ исто така нема да враќа односно ќе може да ја претвори поддршката во грант.

Директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска соопшти дека работодавачаите за користење на мерката  од следниот месец треба да поднесат барање за финансиска поддршка преку системот е-даноци најдоцна до 7 мај за платите во април, односно до 7 јуни за платите во мај. барањето УЈП ќе го потврди во рок од три дена од денот на прием

Бенефитите ќе ги почувствуават сите веќе со исплата на априлската плата. УЈП за оваа мерка го надгради системот со цел на брз и едноставен начин да се аплицираат компаниите. Државата се грижи секое вработено лице да го задржи своето работно место, наведе Лукаровска.