Со грант средства од ЕУ во вредност од 372.650 евра преку ИПА фондовите набавени се нови софистициран инструменти и апарати кои главно применуваат хроматографски методи преку кои се анализираат нафтени деривати, храна, алкохолни пијалаци и други производи за царински потреби, истакна министерката за финансии Нина Ангеловска.
Таа, образложи, дека до колку досега нафтените деривати се испитувале со класични методи кои траеле многу долго користеле поголеми примероци и не давале комплетен состав, сега со набавената софистицирана апаратура за покусо време, со помала количина на примерок, се добива подетален хемиски состав.
-Софистицираната и модерна царинска лабораторија ќе придонесе против борбата со нелегалната трговија, измамата, заштитата на потрошувачите и нивното здравје, заштитата на животната средина, борбата против тероризмот и зачувување на граничниот интегритет, истакна Ангеловска.
Таа, посочи, дека покрај набавената современа апаратура и инструменти се инвестира и во човековиот капитал.
Евроамбасадорот Жбогар истакна дека новата опрема ќе придонесе за сигурноста и безбедноста на производите и здравјето на граѓаните и околината, ќе придонесат да се превенираат измами и кон ефикасна наплата на акцизите и царините.
-Оваа опрема, која е сместена во Институтот за хемија покажува дека научните работници и јавните институции заедно можат да работат и да придонесуваат за доброто на граѓаните и општеството во целина – рече Жбогар.
Досега преку ИПА се склучени договори во износ од 8,8 милиони евра за поддршка на проекти во царината, односно за јакнење на административните капацитети, софтвери и други проекти во насока на модернизација на царината и усогласување со европската пракса и легислатива.
Со развојот на царинската лабораторија се повеќе се менува и нејзината основна функција при што се поактуелна станува и заштитата на животната средина, здравјето и безбедноста на граѓаните преку откривање на стоки чиј увоз е ограничен или забранет.