Страшо АНГЕЛОВСКИ

Текстов едноставно морав да го напишам откако во името на МААК, во името на неговите членови и во името на оние кои ми веруваат го ставив својот потпис на договорот за формирање на коалицијата “За обнова на Македонија“. Морав да го напишам од повеќе причини.

Не навлегувајќи во причините за неговото “независно“ присуство на кандидатските листи на коалицијата, неговите професионални и човечки квалитети, неговата посветеност на коалицијата за да и донесе илјада или десет илјади гласови, јас текстов во кој јасно кажувам дека Сафет Бишевац не е мој, ниту кандидат на МААК, во облик на извинување, им го должам на илјадниците членови на МААК кои во изминативе триесет години горливо чекаа партијата да има свој претставник во македонското Собрание.

– На сите нив, а, некои од нив, за жал, веќе починати, им должам извинување зашто заради принципиелност, доследност кон ставовите на МААК и лојалност кон идејата за независна, суверена и самостојна македонска држава, не прифаќав префрлање на партијата од еден во друг табор и пазарење со вековните идеали на нашите претци. По цена никогаш да не биде парламентарна, партијата ја зачував верна на идеалите на десницата, на суверенизмот, на конзерватизмот. Токму заради тие принципи, во 1998-та, го одбив министерското место за мене и четирите пратенички места за МААК, понудени лично од тогашниот лидер на ДА, Васил Тупурковски за да го внесам и МААК во извесно победничката коалиција со Љупчо Георгиевски, но и со Арбен Џафери.

– Пред некаде две години, напишав дека “амдибајрамовштината“, како политичка идеологија на превртливост заради постојано учество во власта, е зло кое го поткопува сувереното постоење на македонската држава и, зад тој мој став стојам уште поцврсто.

– Во програмата на МААК, како еден од основните приоритети е и возобновата, развојот и ширењето на македонските вредности на Балканот, што подразбира принципиелност во политиката, посветеност на идеологијата, лојалност кон татковината, чесност пред следбениците и достоинство пред граѓаните.

– И конечно, за мене 27 април не беше обид за државен удар, туку очајнички обид да се зачува уставниот поредок и да не се дозволи со методи на уцени, закани, рекетирање, криминал, политички прогон и монтирани судски процеси, да се случи најголемото предавство во долгото паметење на македонскиот народ, промената на името на државата, бришењето на идентитетот на народот и преиначување на славната историја на генерациите пред нас.

Е сега, зошто “Обновата на Македонија“ е единствената опција за мене и за МААК?

– Бидејќи злото во државава има име и се вика криминално, рекетарско, незаконско, антиуставно, антимакедонско владеење на Зоран Заев, кое ни ја разурна државава од внатре, ни ги урна АСНОМ-ските темели, ни ги поткопа илинденските идеали, ни го растури правосудниот систем, на чекор е до растурање на здравствениот систем, економски не запусти, меѓународно не понижи, ни ги пресуши езерата, ни ги соголе шумите… Ни го украде името, идентитетот и историјата. Ни нанесе повеќе штета од сите кои низ вековите ја држеле Македонија под окупација.

– Бидејќи, уште пред 5 години, откако Заев со прислушкуваните, а еве се докажува, навистина монтирани разговори, вршеше масовно оргазмичко насладување кај неолибералните противници на суверена Македонија, изјавив дека од тој момент, политиката како понуда на идеи, е протерана од Македонија и дека почнува период на насилство, закани и уцени, што, за жал, се покажа како точно, а што мора да престане.

– Бидејќи се што секој од нас правел во животот, а се обидувал да го направи идеално, правејќи го најдобро што умее, едвај успеал да го дотера некаде најблизу до идеалното. Оттука, е нечовечки, посебно при составувањето на кандидатски листи од 120 луѓе, кога се испреплетуваат интереси, анализи, мотиви, желби, очекувања, судбини, чувства… да се бара идеалното. И бидејќи ниту кој и да е од нас е идеален, ниту која и да е наша постапка е идеална, значи, ниту кандидатските листи не може да бидат идеални, но, мораме да си признаеме, се многу, многу блиски до она што сите го посакувавме. Листи подготвени за убедлива победа на 12 април.

– Бидејќи коалицијата “За обнова на Македонија“ вака конципирана и мотивирана, реална во ветувањата и без лажни предизборни манипулации со чувствата на измамените македонски граѓани, е единствената реална и организирана политичка сила подготвена да го победи злото и да го започне враќањето на достоинството на македонскиот народ и македонската држава.

– Бидејќи, конечно, “амдибајрамовштината“ како политичка идеологија на превртливоста и нејзините носители ќе бидат заборавени, а историјата ќе ги памети само реалните состојби. Историјата ќе памети дали македонскиот народ во 2020-та се издигнал над личните суети, незадоволства и каприци, ќе памети дали се обединил околу единствената опција подготвена да се справи со историски еден од најтешките периоди на македонското постоење или дел од енергијата ќе разлее по лажните “ултрапатриотски“ ветувања на лажните месии дека за месец или два “ќе го вратат името“. Историјата ќе го памети она што ние денес како генерација Македонци ќе го напишеме. А историјата не трпи погрешно запишување, па потоа забришување со гумичката. Историјата дава само една шанса,која мораме да ја искористиме.

Затоа и велам, иако Бишевац, сфатен не како личност, туку како состојба во општеството, не е мој кандидат, “Обновата…“ е мојата единствена опција.

(авторот е претседател на МААК)