Страшо АНГЕЛОВСКИ (авторот е претседател на МААК)

“Не им завидуваме на предавствата. Немаме големи пориви, знаеме дека судбината нема некаков спирален тек, туку дека е едно неумитно преповторување на погибелни циклуси. Години и години живеев во прелага дека добро ја познавам психологијата на нашиот човек, и по многу искушенија и самиот дојдов до сознание дека ни е судено да се остваруваме во јазикот: некој беше рекол дека врз јазикот сум прикован како разбојник на крст. Не им завидуваме на предавствата кои се нафрлаат, пред се’ на јазикот…

Пеев во осама. Пеев и за толпите и за осамениците. Пеев уверен дека она што го пеам на ниеден друг јазик не може да се испее освен на јазикот на големата судбина на Македонците. Тие, чија адреса е запишана во Библијата, кријат некоја тајна за иднината на светот: зашто тие се сеќавање на свеста, на вековите кои одминале. Оган – кој не згаснува.“

Го започнувам текстов со зборовите на големиот Анте Поповски, човек кој посветувајќи и ја поезијата и посветувајќи и го животот на Македонија, со своите истомисленици, пред 30 години, формирајќи го МААК, не научи како да ги поставиме првите камења на калдрмисаниот пат за независна, самостојна и суверена македонска држава. Пат, кој за многумина се покажа како претежок, пат на кој многумина се спрепнаа, пат на кој многумина се изморија, пат по кој, за жал, уште малкумина чекорат.

Ги поставивме камењата и само го препишавме она што генерации и генерации пред нас на јазикот на својата голема судбина го имаа запишано: МАКЕДОНИЈА НА МАКЕДОНЦИТЕ. Сметавме и, се уште сметаме дека е тоа единствениот начин еден жив народ да создаде и да сочува една држава и една нација. Свој на своето, со отворено срце за сите добронамерници кои сакаат да живеат со него.

За жал, многумина, на кои им беше тежок за изодување калдрмисаниот пат на МААК, тргнаа по полесниот, по асфалтираниот пат на неолибералниот мултиетницизам и мултикултурализам и заталкаа во ќорсокакот на “граѓанската“ држава, оневозможувајќи му на македонскиот народ да има сопствена национална држава изградена врз јазикот, името, традициите на неговото вековно постоење.

Го пишувам ова поттикнат од нешто што можеби изгледа како да нема никаква врска со напишаново, а се случи неодамна. Горд и среќен, градоначалникот на општина Центар ја објави веста за неговото венчавање со својата избраничка во манастирот Грачаница. И, нека му е со среќа. И, бидејќи Србин по потекло, објави дека свадбата се одвивала според сите стари српски обичаи, за што искрено му честитам.

Е сега, тој истиот, за кого српската традиција е света работа, најавува дека ќе ги урива паметниците од проектот Скопје 2014, кои ја претставуваат македонската традиција, ја претставуваат мојата света работа.

Истовремено, политичарите од партиите на македонските албанци за кои нивната традиција е света работа, секојдневно и со сите сили се борат за уништување на македонските традиции како предуслов за уништување на македонскиот народ и држава; пробугарските сонувачи ги чуваат традициите на Хан Кубрат и Хан Аспарух, ништејќи ги македонските традиции, македонските дејци и македонскиот јазик; грчките платеници сочувувајќи туѓи, хеленски традиции, веќе го избришаа македонското милениумско постоење и различност.

И сите тие, длабоко закопани во своите националистички ровови, штитејќи ги своите традиции како нешто најсвето, а заколнати во своето антимакедонско делување, папагалски повторувајќи ги проНАТО и проЕУ заложбите, затскриени зад “граѓанската“ опција, денес се обединети во напорите целосно да го избришат македонското постоење.

Денес, сите тие, обединети во една пазарџиска Влада, владеат со македонската држава, ги распродаваат македонското име, историја, традиции, јазик и култура; ги апсат и преку монтирани политички процеси ги казнуваат сите оние кои пројавуваат барем малку чисто македонско чувство; ги држат во зандани уставобранителите; ги уриваат македонските паметници; ги уништуваат македонскиот фолклор и култура; ја разнебитуваат Македонската Православна Црква…

Со еден збор, токму националистите од соседството, преку своите платеници овде, убедувајќи не нас Македонците дека национализмот е најеретичкиот порив, ни ја продаваат приказната за “граѓанска“ држава, до наше целосно бришење.

Затоа, време е посилно од кога било да се провикнеме на “јазикот на големата судбина на Македонците“ и на светот да му кажеме дека МАКЕДОНИЈА Е НА МАКЕДОНЦИТЕ.

Поинаку, за да знаеме што ни следува, повторно ќе завршам со песната “Татковина“, и повторно на големиот Анте Поповски:

“Кога пристигна бродот во таа далечна земја

Тој виде непознат народ поседнат по брегот и јадри ѕвезди на небото.

Што носи кога го прашаа тој покажа врзана шамија со земја,

А кога му ја истурија заплака.

Татковината е тоа рече тој и саноќ грутка по грутка

Прашинка по прашинка ја собираше.“