Страшо АНГЕЛОВСКИ

Денес, повеќе од кога било во изминативе триесеттина години, пропагандната машинерија на СДСМ, со веќе и за децата препознатливите удбашки методи, работи на целосна поделба на македонското општество, заради уште неколку месеци власт, па дури и за останување на власт и после наредните парламентарни избори, колку и да изгледа тоа невозможно во моментов. Операцијата “Поделба“ се одвива во три нивоа :

–   Првото ниво е поделбата внатре во сржта на македонскиот народ до ниво на непомирливост;

–  Второто ниво е поделба на меѓуетничка основа меѓу македонскиот народ и албанското малцинство, но и македонскиот народ и српската заедница во државава, па дури, се прават обиди да се внесе зла крв меѓу македонскиот народ и сите останати малцински заедници во Република Македонија;

–  Третото ниво на оваа операција е поделбата внатре во ткивото на албанската заедница во државава.

Но, да одиме по ред :

Првото ниво на поделби е од животна важност за СДСМ, дури и до степен на опстанок на партијата, па токму затоа, во поделбата на македонскиот народ, употребувајќи неброени финансиски средства од скапоцените рекетарски чанти, уфрлаат во игра корумпирани или уценети политичари и новинари, политичари; новинари и професори со амдибајрамовска идеологија “да се биде секогаш со власта“; политичари и новинари, за потребите на оваа операција, исчистени од сдсм–овското минато; но и луѓе алчни за пари, кои изникнуваат од нигде никаде и, како месии спасители формираат, или барем се обидуваат да формираат партии, нормално, со “да се умре за Македонија“ платформа.

Кодното име на операцијата “Поделба“ е многу интересно – “Курто и Мурто во Македонија“. Тоа, полека станува мото во секое обраќање на горенаведените политичари, новинари, професори и политичари во обид. Секој добронамерен, доколку внимателно слуша и чита, ќе разбере зошто е тоа така. Имено,аналитичарите во СДСМ, но и во амбасадите кои насилно и нелегитимно го инсталираа, со прецизност до 0,1 процент знаат дека единствен способен да го порази ова зло и да ја тргне рекетарско измамничката спрега од власт е коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ.

Единствен начин, пак, да се спречи тоа и, СДСМ да остане што подолго, дури и после новите парламентарни избори, на власт, колку тоа да изгледа невозможно денес, е да се одземе дел од моќта на ВМРО ДПМНЕ, одземајќи му дел од гласачкото тело.

Ова, пак, се одвива во два правци.

– Првиот, оној помалку ефикасниот, но секако потребен за СДСМ, е новоформираните, ребрендираните и партиите “прелетувачи“, формирани или “набрзина осознаени“, на наредните парламентарни избори, со “ултрапатриотски“, а крајно нереални ветувања, да одземат по неколку илјади гласа од контото на десницата предводена од ВМРО ДПМНЕ, со што, одземајќи, да речеме, дваесеттина илјади гласа, да не освојат ниту едно пратеничко место, но во вкупниот збир, да одземат неколку пратеника од контото на коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ. Дури, сите заедно и да освојат две – три места, како во своите најоптимистички соништа, тие и сите околу нив се свесни дека не можат да променат ништо, освен што “лидерите“ ќе си се сместат во буџетските јасли, заради што и инсистираат на изборен модел со една изборна единица, без никаков цензус.

– Вториот, кој жестоко се интензивира, преку секојдневните објави на “влијателни“ новинари и професори, на политички “аналитичари“, на активисти на социјалните мрежи, сите “блиски“ на десницата, а со интересно сдсмовско минато, е токму тезата за “Курто и Мурто во Македонија“, со што треба што повеќе гласачи незадоволни од лагите, измамите, рекетот и криминалот на актуелната власт, кои би гласале за опозицијата, преку тезата дека сите се исти, да се одвратат од гласање. Со тоа, нормално, би се намалило контото на гласови на коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ.

Обата начини за спас на СДСМ се вперени кон најчистите и најзагрижените македонски патриоти, кои на крајот на операцијата ќе бидат изневерени, но, во ова време на нејзино изведување, ќе бидат параванот зад кој ќе се кријат изведувачите на операцијата “Поделба“. Најмногу заради нив и го пишувам овој текст, за да не боли потоа повеќе, отколку што боли сега.

Вака погледнато, иако сега изгледа невозможно, но, во зависност од успехот на операцијата “Поделба“, можни се два исхода.

– Првиот е преку операцијата “Поделба“ и тезата “Курто и Мурто во Македонија“, да се одземат толку гласови од контото на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, па СДСМ, повторно со некаква неприродна и нелегитимна коалиција или со доволен број албански гласови на свое конто, за што ја активираат поделбата број три, да остане на власт.

– Вториот, оној поверојатниот, е, таков резултат, со кој ВМРО ДПМНЕ ќе биде приморанa на коалиција со ДУИ, што овие ќе го искористат за нови уцени, но и за нова амнестија на сите досегашни криминали од нивна страна.

И едното и другото е  она против што се залагаат вистинските македонски патриоти, а целта на оваа перфидна операција е токму тие да бидат носители на ваквиот исход.

Второто ниво на поделби е веќе старата, секогаш подгревана токму од СДСМ поделба до ниво на омраза, меѓу мнозинството од македонскиот народ и албанското малцинство. Со гебелсовштина на која би и позавидел и Гебелс лично, оваа поделба, злобно иницирана од СДСМ, за жал, се уште функционира и секогаш претставува скриен “џокер“ во нивниот ракав. Новост е што со, на пример, исценирано апсење на припадник на ОВК, по Интерпол потерница издадена од Србија заради злосторства врз цивилно население, а негово непредавање на Република Србија, се прави свесен обид за поделба меѓу македонскиот народ и лојалната српска заедница во државава. Истовремено, со напади и навреди кон, на пример, влашкото и ромското малцинство, од страна на “ултрапатриотите“ од почетокот на текстов, се внесува зла крв меѓу македонскиот народ и останатите малцински заедници во државава, што треба да резултира со поделба токму меѓу Македонците и сите останати, а незадоволни од инсталираната власт. А, за жал, сите поделби водат кон опстанок токму на таа криминална власт.

Третото ниво на поделби, кое СДСМ се поуспешно го спроведува, е поделбата внатре во албанското гласачко тело во Република Македонија. За жал, го спроведува со методи кои најдиректно ја загрозуваат личната сигурност и безбедност на секој граѓанин на државава, ослободувајќи докажани и осудени криминалци, рекетари и терористи од албанско етничко потекло, кои потоа го обработуваат албанското гласачко тело во полза на СДСМ. Метод, кој краткорочно дава резултати за опстанок на оваа власт, но чија опасност ќе ја почувствуваат граѓаните денес, но и долго после оваа монструозна операција. Ова, според онаа народната –  СДСМ го пали јорганот заради една болва.

Го напишав текстов сакајќи токму со напади против напишаното, да ги истерам на виделина подзаскриените извршители на операцијата “Поделба“, притоа свесен дека имало, има и ќе има грешки од ваков или онаков тип и во коалицијата и во ВМРО ДПМНЕ, но двојно посвесен дека сега наша заедничка заложба мора да биде уривање на овој систем на лаги, измами, криминал, рекет и национални предавства, а не лекување на лични фрустрации и незадоволства.

Искрено верувам дека само неподелени можеме да успееме. А потоа, потоа одговорност и од “нивните“, но и од “нашите“.

(авторот е претседател на МААК)