Страшо Ангеловски
Откако се изнаслушавме како Зоран Заев реди се по список – од името и народот, па се до своите коалициски партнери, на кои, како на “шути и рогати“, после 2 часа и 17 минути седење во кафеана, им ги чека мајките некаде во затемнета соба со тивка музика, некако само по себе ми се наметна прашањето за евентуално постоење на психопати во македонската политика.
За да си одговориме на ова прашање, преку трудови на истакнати психолози, психијатри и научници посветени токму на овој проблем, ќе го исцртам профилот на психопат во политиката, а на читателот останува дали во него ќе препознае некој од македонските политичари.
Според доктор Тадо Јуриќ, хрватски научник, проблемот со психопатите во политиката е целосно занемарен дури и во најразвиените општества. Иако сите, при спомнување на терминот “психопат“ замислуваме ликови од филмовите кои на крајот стануваат сериски убијци, науката јасно докажува дека станува збор за луѓе со “фини манири“, кои изгледаат дури и понормално од нормалното. Психопатите, според доктор Јуриќ, всушност, ретко се наоѓаат во затворите, туку, најчесто на позиции во власта, во политичките и економските елити.
Според канадскиот психолог, познат на полето на криминалната психологија, Robert D. Hare, клучна карактеристика која ја имаат сите психопати е неспособност за чувствување емпатија и недостаток на совест, што, пак, е една од основните карактеристики што ги краси обичните, “нормални“ луѓе.
Американскиот психијатар Hervey M. Cleckley, пионер на полето на психопатологијата, идентификувал неколку универзални особини на психопатите, што им даваат предност пред другите. Нивна основна предност е што немаат совест, а главна карактеристика е огромната желба за моќ. Од една страна, според него, психопатите се површно шармантни, ослободени од нервоза и непријатност, нарцисоидни и без чувство на срам. Имаат патолошко чувство дека имаат право на нешто и си потхрануваат заблуда за својата грандиозност.
Од друга страна, внимаваат на својата фасада како понизни и скромни, но, за нив, луѓето се обични предмети, кои, кога веќе не им требаат, ги отфрлаат без размислување.
Веќе споменатиот доктор Hare, понатаму вели дека психопатите го имаат она што е потребно да се измамат другите – зборуваат брзо, шармантни се, самоуверени, спокојни во поголемо друштво и ладнокрвни кога се под притисок. Тие, емпатијата, каењето и чувството на одговорност, сите квалитети кои се сметаат за содржина на добрината и хуманоста, ги сметаат за знаци на слабост кај другиот, што треба да ги искористат. Љубовта, добрината, чувството на вина и алтруизмот, на психопатот му изгледаат како комични, детски особини на слабост.
На обичните, “нормални“ луѓе, совеста им служи како сопирачка, па тие ги мерат своите постапки за да не повредат друг при постигнувањето на своите цели. Меѓутоа, немајќи совест, или имајќи искривена форма на совест во рамките на своето битие, психопатот, во остварувањето на своите цели, се наоѓа во ситуација во која има голема предност пред “нормалниот“ човек. Тој, во секој поглед изгледа како нормален човек, само што му недостасува душа, па нешто, за што другите би сметале дека е катастрофа и голем срам, за него е само мала непријатност, или
“ситница“. Токму тој недостаток во карактеристиките на личноста, него го прави ефикасна “машина“, па психопатот во политиката никогаш не смета дека со неговата психа нешто не е во ред, така што и не чувствува потреба за промена во однесувањето.
Според Babiak и Hare, психопатите лажат со леснотија, тие немаат морални дилеми кога станува збор за клеветење, празни ветувања и користење на сите средства за остварување на својата цел. Тие “квалитети“ им даваат предност пред почесната и понаивна конкуренција. И, НЕ САМО ШТО МОЖАТ ДА ЛАЖАТ БЕЗ НИКАКОВ НАПОР, ТУКУ ВООПШТО НЕ СЕ ОСВРНУВААТ КОГА СЕ ФАТЕНИ ВО ЛАГА. ТИЕ ЕДНОСТАВНО САМО ЌЕ ЈА ПРЕРАБОТАТ СВОЈАТА ПРИКАЗНА, А, ПО ПОТРЕБА, МОЖАТ ДА ГЛУМАТ КАЕЊЕ.
Од друга страна, според Stout и Hare, психопатот, како предатор меѓу својот плен, мора да се маскира за да не биде откриен, зашто, кога јавно би ги кажал своите цели, другите би биле вџашени од ужас. Значи, тој уште како мал учи како да се вклопи, копирајќи ги нормалните човечки реакции и однесување. Учи кога треба да се расплаче, кога да покаже тага, вина, загриженост или љубов. Ги учи сите изрази на лицето, фрази и гестови за тие емоции што не ги
чувствува. И, како таков, ги заведува другите со лажни прикажувања на тага, жал, вина,
загриженост и љубов, а потоа манипулира со нив за да го добие она што го сака.
Психопатите се многу пробивни кога станува збор за напредување на хиерархиските скалила, посебно во политиката и, многу често имаат способност меѓусебно да се препознаваат и здружуваат.
Но, уште поголем проблем, според доктор Јуриќ, е тоа што психопатите во политиката, за да победат во своите игри, користат помош на таканаречените “лепенки“ – конформистите. Теоријата, според него, вели дека во речиси секое општество има околу 40 проценти конформисти, а само 3-4 проценти психопати. Кај конформистите изгледа дека совеста спие и заради тоа можат слепо да ги следат оние кои ги водат, а заради лични интереси.
Конформистите се однесуваат беспомошно бидејќи сакаат да ги избегнат сите непријатности и можноста психопатот да се сврти против нив. Така, апатијата станува нивна најомилена стратегија на затскривање.
Од друга страна, совесните луѓе се често мета на психопатите, бидејќи им претставуваат најголема закана и обично се првите кои воочуваат дека нешто не е во ред и реагираат. Но, окружени со малодушност, тие се најчесто осамени во битката не само против психопатот, туку и против стадото конформисти.
Кога, пак, психопатите ќе ги заземат клучните функции во државата, започнува процесот на “психопатизација“ на народот. Тоа е процес на пренесување на психопатското однесување и начин на размислување врз “нормалните“ луѓе. Така, психопатијата добива особини на “заразна“ болест.
Преносот на “симптомите“ на оваа болест врз широката популација се одвива со помош на медиумите кои се под нивна контрола. Се формира таканаречена “мејнстрим култура“, преку која се промовира животен стил и однесување кои се карактеристични за психопатите. Следната фаза, според Andrew M. Lobaczewski, полски психијатар, автор на “Политичката понерологија“ – научна студија за природата на злото, прилагодена за политички цели, е – негативната селекција. Тоа ќе рече, кога психопатот доаѓа на власт, тој бира луѓе според својот “вкус“ и ги поставува на клучни државни функции. Вака негативно селектираните “апаратчици“ го преземаат управувањето со државата и генерираат натамошна негативна селекција. Од директор до чистачка, како што и беше најавено.
Најголемиот проблем, според Lobaczewski, е што оние кои се веќе “инфицирани“ со оваа болест, не се во состојба тоа да го забележат, заради дисторзија на нивната свест и перцепција. Можеби, за многумина, напишаново е пресликување на состојбата во македонското опшптество, па многумина ќе ги препознаат и психопатите во македонската политика и “стадото“ конформисти и медиумите под контрола.
Многумина, пак, ќе се препознаат себе си меѓу совесните луѓе кои се често мета на психопатите, но кои ги согледуваат работите и сакаат да се борат против “психопатизацијата“ на народот. Таквите имаат обврска да ги “излечат“ “инфицираните“ со оваа болест, како прв чекор кон лечење на заразеното и болно општество.
15 јули, со вистинскиот избор, е вистински ден за почеток на “терапијата“ против ужасната болест. И, можеби лекувањето ќе биде долготрајно, но мора да биде успешно и ефикасно. Се разбира, доколку сакаме да живееме во нормална држава.
(Авторот е претседател на МААК)