Енергетската транзиција ако не се направи како што треба, ќе настане поголема штета отколку корист, тврди бившиот вицепремиер, Кочо Анѓушев.
– Големата инсталирана моќност на електрани од обновливи извори на енергија во текот на минатата година, а особено на фотоволтаични електрани, сега може да предизвика штета на преносниот систем и мрежа во Македонија, тврди Анѓушев.
Токму поради тоа, денеска Анѓушев како претседател на енергетската асоцијација, имаше состанок со министерот за економија Крешник Бектеши и претставници на ЕВН, МЕПСО и на Регулаторната комисија за енергетика.
Анѓушев побара да биде законски регулирана струјата што се произведува од многуте фотонапонски централи кои се градат и допрва ќе се градат, со складирање на електричната енергија во таканаречени „сториџи“.
– Енергетската транзиција ако не се направи како што треба, ќе настане поголема штета отколку корист. За да не направиме проблем – бидејќи сите фотоволтаици произведуваат 80 отсто во исто време, не смееме во тој период да има големи вишоци со илјадници мегавати, бидејќи нема да се знае што да се прави со таква енергија. Ако веќе се оди на толку голем број прокети, тогаш единственото решение е таа енергија да се складира. Затоа таканаречените „сториџ“ системи, или батериски системи, треба да се опфатат во легислативата во нашата држава, рече Анѓушев.