Има четири фактори што ја генерираат зголемената цена на електричната енергија на берзите. Тоа се цената на природниот гас, зелените сертификати коишто пораснаа драстично, намалените издашности на обновливите извори на енергија и реалната инфлација, оценува поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев во интервју за МИА што викендов ќе биде објавено во целост, заедно со видео материјал.

Тој смета дека нема енергетска криза, бидејќи, како што вели, сите земја во Европа имаат електрична енергија, а проблемот е од финансиска природа заради зголемувањето на цената на струјата.

-Ова што денеска го имаме како што го викаат сите е енергетска криза. Јас не го викам енергетска, туку финансиска криза, бидејќи енергетска криза би било доколку некој нема електрична енергија во Европа. Како што гледаме никој не се жали дека нема електрична енергија, сите имаат електрична енергија што значи дека кризата не е дека нема енергија, туку кризата е дека енергијата е скапа, потенцира Анѓушев во интервјуто за МИА.

Вели дека Владата се справува со цената на струјата на ист начин како и сите земји што се увозно зависни.

-Најдобро се справуваат тие држави коишто имаат доволно сопствено производство, а сите држави коишто се доминантно увозно зависни, за жал мора да ја плаќаат пазарната цена на електричната енергија и тоа нормално ја генерира цената на електричната енергија што ја плаќаат потрошувачите, посочува Анѓушев.

Очекува енергетската криза да потрае подолго време и цената на електричната енергија да се стабилизира на околу 80 до 120 евра за мегават час, но не годинава. Смета дека цела 2022 година нема да ја поминеме со помал просек од 150 евра за мегават час.

Препорачува Владата да ги субвенционира македонските компании да купуваат нова технологија за да го зголеми извозот од земјава.

Во интервјуто Анѓушев говори и за субвенционирањето на малите хидроелектрани, за укинувањето на евтината дневна тарифа за струјата, за неговото назначување за почесен конзул на Малта…