Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев смета дека постапката што против него денеска ја покрена Антикорупциската комисија за доделувањето земјиште за хидроцентралата „Тополки“ ќе докаже дека во случајот се е законски и без судир на интереси.
Анѓушев во пишана изјава до медиумите ја поздрави одлуката на Антикорупциска за отворање постапка за случајот „Тополки“, посочувајќи дека во секој момент е на располагање на комисијата за дополнителни прашања.
– Оваа постапка само ќе докаже дека во случајот Тополки е се законски и без судир на интерес, договорот за концесија е добиен и потпишан во мај 2015 година и добивањето на земјиштето е во иста постапка како и за сите електрани и истото е добиено како резултат од добиената концесија, согласно со постапка која е иста за сите концесионери и сите над 80 електрани што се изградени во државата во последните 10 години, тврди Анѓушев.
Сите постапки, наведува вицепремиерот, се започнати во 2015 година, во време кога не сум бил член на Владата, ниту пак сум знаел дека некогаш ќе бидам, со што практично не сум можел никако да влијаам.
Анѓушев воедно оценува дека работата на Антикорупциска комисија само ја покажува исправноста во реформирањето на таа институција насочено кон бранење на јавниот интерес.
„Тополки“ е меѓу шесте предмети за корупција и судир на интереси за случаи поврзани со власта, што ги отвори денеска Државната комисија за спречување корупција.
– Отворена е постапка за фирмата „МХЕ Тополки” каде што еден од сопствениците е Кочо Анѓушев преку фирмата „Феро инвест“, а неговиот брат Тодор Анѓушев е управител и има доделено градежно земјиште по пат на непосредна спогодба во Дреново за изградба на хидроцентралата Тополки, информираше претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска.