Турски суд денеска донесе одлука да го осуди на тригодишна затворска казна американскиот пастор Ендрју Брансон, но тој се очекува во САД во следните 48 часа.

Брансон е осуден на три години, еден месец и 15 дена во затвор, но судијата ги укина сите судски контроли – вклучувајќи ја и забраната за патување – што му овозможува веднаш да ја напушти Турција. Нему казната му е намалена поради добро однесување, а и со оглед на тоа дека веќе отслужил две години од казната, сметајќи го времето во притвор.

Тој ја напушти судницата со автомобил кратко време по објавувањето на одлуката, а американските официјални претставници велат дека тој заминал во неговиот дом во Измир, од каде утре изутрина се очекува да замине во САД, објави „Њујорк тајмс“.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неговите „мисли и молитви” се со американскиот пастор Брансон.

„Се надеваме дека наскоро безбедно ќе се врати дома“, напиша Трамп на Твитер.

Во претходниот твит посочи дека неговата администрација напорно работела на случајот на Брунсон, но не наведе детали.

Весникот „Вашингтон тајмс“ денеска објави дека Вашингтон и Анкара постигнале договор за ослободување на американскиот пастор Ендрју Брансон, кој е обвинет за тероризам во Турција, во замена за укинување на американските санкции кон Анкара.

Според весникот, договорот предвидува повлекување на дел од обвиненијата против Брансон, со тоа што тој би бил осуден на затворска казана во траење на периодот што тој веќе го мина во притвор или пак би му било дозволено остатокот од казната да го отслужи во САД.

„Вашингтон Пост“ тврди дека ваквиот договор бил постигнат на маргините на заседанието на Генералното собрание на ОН во Њујорк кон крајот на минатиот месец, на кое присуствуваа и претседателите на двете држави.

За Турција, уапсениот американски свештеник е шпион кој се обидел да ја собори Владата за време на обидот за државен удар од 2016 година. Но, за американските официјални лица, Брaнсон е невин христијански семеен човек, кој е погрешно задржан.

Брансон (50) е роден во Северна Каролина и евангелистички презвитериjански свештеник кој работел во Измир, каде што бил пастoр во црквата Воскресение. Тој живее во Турција повеќе од 23 години, со сопругата и трите деца.

Во октомври 2016 година, неколку месеци по неуспешниот обид за државен удар во Турција, Брансон беше уапсен и обвинет за заговор за соборување на турската влада. Во март беше формално обвинет за шпионажа и врски со терористички организации. Обвиненијата против Брансон вклучуваа поддршка на забранетата Курдистанска работничка партија, како и Движењето на Ѓулен, за кое Турција вели дека го организирал обидот за државен удар. Тој ги негираше обвинувањата.

Брансон беше главна причина за дипломатскиот спор меѓу САД и Турција, поради што САД воведоа санкции и замрзнаа имот на двајца турски министри, но и зголеми царини за увоз на челик и алуминиум од Турција. Турција одговори со воведување двојно повисоки царини за производи од САД.