Французите го одобруваат полицискиот час најавен од претседателот Емануел Макрон во телевизиското интервју, откако дури 64 отсто од нив се изјасниле за таа мерка, а истовремено 53 отсто мислат дека тој не ја кажал вистината, јави дописникот на МИА.

Ова произлегува од испитувањето на Одокса за Франсинфо

– Најголем дел од испитаниците ја одобруваат и ќе ја почитуваат мерката кој ги лишува од слобода на движење. Но, уште еднаш, Французите се сомневаат во своите сограѓани, бидејќи дури 54 отсто мислат дека засегнатите (со полицискиот час) нема да го почитуваат истиот, анализира Гаел Слиман, претседател на Одокса, која ја спроведе анкетата.

Французите признаваат дека Емануел Макрон бил јасен (63 отсто) и покажал дека ја разбира загриженоста на земјата (55 отсто).

Но, надвор од полицискиот час, претседателот на Републиката сепак мора да ги убеди Французите во неговата способност да се бори против здравствената криза. Дури 53 отсто од Французите мислат дека тој не ја кажал вистината и 57 отсто не му веруваат дека може да преземе вистинските чекори за да се справи со епидемијата.

Педесет и девет проценти од граѓаните не му веруваат на Макрон за воспоставување ефикасен систем за предупредување. Економската криза очевидно предизвикува голема загриженост и 56 отсто од испитаниците се сомневаат во можноста на Претседателот Макрон да се соочи со неа