Во Србија во изминатите 24 часа починаа две лица, додека 203 лица се регистрани како новозаразени со Ковид-19. Тестирани се 6.504 лица, а на респиратори се наоѓаат 25 пациенти, јави дописникот на МИА од Белград.

Во Србија вчера беа евидентирани 245 заразени, што преставува зголемување од 100 лица на дневна основа.

Министерот за здравство, Златибор Лончар, изјави дека ќе инсистира локалните кризни штабови повеќе да не издаваат „специјални дозволи“ за свадби и прослави, бидејќи, како што оцени, ваквите собири му даваат можност на вирусот да циркулира.

Лончар потсети дека пред една недела, во болниците имало нешто повеќе од 270 пациенти заразени со Ковид-19, а денеска има 359.

– Тоа е зголемување за само една недела и е резултат на забави, прослави и свадби. Забележавме дека Кризните штабови на локално ниво започнаа да даваат некои „специјални дозволи“ за организирање прослави и слично, и ние ќе инсистираме да не се даваат такви дозволи. Почитувани граѓани, собири со повеќе од 30 луѓе не можат да се одржат, истакна Лончар.

Додека имунологот Срѓан Јанковиќ најави дека носењето заштитни маски на отворено, кога доаѓа до контакти наскоро ќе биде обврска.