Со мал пад, премиерот Зоран Заев и натаму останува политичар со најголем рејтинг, покажала анкетата на М-Проспект.

– Секој трет граѓанин во земјава или 30,1 отсто нема доверба во ниту еден политичар. Вкупно 18,3 отсто од граѓаните се изјасниле дека имаат доверба во Заев. По потпишувањето на Преспанскиот договор и менувањето на името на државата се забележува раст на рејтингот на Христијан Мицкоски, во кого доверба имаат 11,7 проценти, покажало најновото истражување на М-Проспект, спроведено две години од мандатот на Владата.

И етничките Македонци и етничките Албанци во најголем процент не веруваат во ниту еден политичар (28,8 отсто од етничките Македонци и 33,2 процента од етничките Албанци). Етничките Македонци го преферираат Заев (21,3 отсто), а 16,1 процент имаат најголема доверба во Христијан Мицкоски, покажала оваа анкета. Етничките Албанци најмногу го бираат Али Ахмети (18,2 отсо), потоа го избираат Зијадин Села (15,9). За Зоран Заев се изјаснуваат 9,3, а за Билал Касами 8,4 проценти од испитаниците.

Доколку утре се одржат парламентарни избори, 25 отсто од испитаниците се изјасниледека би гласале за ВМРО- ДПМНЕ, додека за СДСМ би гласале 23,1 процент. За ДУИ би гласале 5,1, за Алијанса за Албанците (АА) 4,2, а за БЕСА 2,1 отсто од граѓаните.

Споредено со резултатите од пред една година, може да се забележи дека гласовите за СДСМ се намалени (25,5 отсто во 2018-та), а за ВМРО-ДПМНЕ се зголемени (20,6 во 2018-та). Секој трети етнички Македонец би гласал за ВМРО-ДПМНЕ или 34 отсто, додека 26,6 проценти би гласале за СДСМ. Од етничките Албанци 10,8 отсто би гласале за СДСМ, 22,6 за ДУИ, 19,3 за АА и 9,8 за БЕСА.

М-Проспект ја реализира истражувањето на јавното мислење во периодот 15 мај до 7 јуни 2019 година, на репрезентативен примерок од 1.000 испитаници постари од 18 години.