Во случај на добивање на цврсти гаранции од ЕУ за зачувување на македонскиот јазик и идентитет, 45,1% од македонските граѓани би поддржале уставни измени, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење на МКД.мк кое од 5 до 16 јуни го спроведе агенцијата Маркет вижн.
Позитивен став во врска со уставните измени за запишување на Бугарите во Уставот имаат 16,4% од испитаниците. Повеќе од 54 отсто од испитаниците се против промени во Уставот.
Испитаниците од македонска етничка припадност во споредба со испитаниците од албанска етничка припадност повеќе имаат негативен став кон уставните измени и помалку ги поддржуваат дури и во случај на гаранции од ЕУ.
Нешто помалку од една третина од испитаниците (30,2%) сметаат дека Македонија ќе стане членка на ЕУ, додека половина или 49,9% сметаат дека Македонија нема да стане членка на ЕУ.
Од оние испитаници кои сметаат дека Македонија ќе стане членка, приближно две третини или 60,3% сметаат дека тоа ќе се случи во следниве 10 години.
И тука испитаниците од македонска етничка припадност во споредба со испитаниците од албанска етничка припадност во поголема мера сметаат дека Македонија нема да стане членка на ЕУ.
Само 16,6% од испитаниците сметаат дека финансиската и институционалната помош која Македонија ја добива од ЕУ е значителна. Нешто сличен е и процентот и за помошта од САД – 17,9%.
Анкетата беше спроведено од 5 до 16 јуни со употреба на CATI метода – телефонско анкетирање со помош на компјутер на примерок од 1.200 испитаници со ниво на статистичка грешка од 3% и интервал на доверба од 95%. Примерокот е репрезентативен на ниво на Македонија според регион, пол, возраст и етничка припадност според податоците за резидентното население од пописот 2021 година.