Претстојните претседателски и парламентарни избори во Бугарија на 14 ноември ќе ја стимулираат изборната активност, покажуваат резултатите од социолошкото истражување на „Маркет линкс“, нарачано од приватната телевизија бТВ.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, ГЕРБ ќе извојува убедлива победа и за неа ќе гласаат 22,5 од избирачите. Следните пет политички партии во 47. Народно собрание на Бугарија нема да знаат до крај како ќе ги распределат своите места. Во моментов, бугарските социјалисти на Корнелија Нинова се на второ место со 14,5 отсто. „Има таков народ“ на Слави Трифонов и „Демократска Бугарија“ на поранешниот министер за правда Христо Иванов имаат 13,5 отсто и 11,9 отсто гласови.
Коалицијата на двајцата поранешни привремени министри „Ја продолжуваме промената“ Кирил Петков и Асен Василев има поддршка од околу 11 проценти, а 9,8 отсто од учесниците во истражувањето би гласале за Движењето за права и слободи. „Исправи се БГ! Доаѓаме!” на поранешниот правобранител на Бугарија Маја Манолова ќе остане под бариерата од четири отсто за влез во Националното собрание. Надвор од бугарскиот Парламент останува и проруската партија „Преродба“.
Од анкетираните, 77 отсто одговориле дека сигурно ќе гласаат на претстојните избори во Бугарија, додека 14 отсто не одлучиле дали ќе гласаат, а девет отсто се уште се двоумат.
Според социолошката агенција, постои голема веројатност дека без ГЕРБ, БСП и ДПС, другите партии нема да можат да формираат редовна бугарска влада, бидејќи би собрале 40 отсто од гласовите.
„Битката за второто место ќе биде многу оспорувана“, коментира софиската социолошка агенција.
Анкетата беше спроведена меѓу 1.076 луѓе во периодот од 14 до 20 септември 2021 година, користејќи ги методите на директно лично интервју и онлајн анкета.