Поголемиот број граѓани на Европска унија се против проширување на Унијата во следните година, додека жителите на земјите кандидатки и понатаму го поддржуваат членството во европскиот блок, покажуваат резултатите од анкетата на Евробарометар.
Во истражувањето вклучени се и петте земји кандидатки за членство во ЕУ. Највисок процент на одобрување на членство во Унијата има во Албанија, каде дури 93 отсто од граѓаните изјавиле дека членството е добро, а само еден процент се изјасниле негативно.
На второ место по позитивен став за членство во ЕУ е Македонија, каде 58 отсто од граѓаните изјавиле дека се „за“, потоа следат Црногорците (45 проценти), Србите (42 отсто) и (35 проценти) Турците.
Додека во самата ЕУ, проширувањето со нови членки во следните години го поддржуваат 43 отсто од граѓаните, а 45 проценти се против.
Најголема поддршка проширувањето на ЕУ има во Шпанија (71 отсто), Полска и Литванија (66), Романија (65), Унгарија (62) и Хрватска (61). Најголем процент противници на проширувањето има во Финска (64), потоа следат Франција (62), Германија (61) и Австрија (58 проценти).
Прашањето дали сте за проширување на ЕУ поставено беше и на граѓаните на земјите кандидатки за членство и најмногу позитивни одговори има во Албанија (83 проценти), потоа следат Македонија (77), Црна Гора (62), Србија (56) и Турција (36 отсто).
Анкетата на Евробарометар е спроведена од 8 до 22 ноември при што се испитани 32.600 луѓе во ЕУ и во земјите кандидатки – Македонија, Албанија, Црна Гора, Србија и Турција и во непризнаената Турска Република Северен Кипар.