Поддршката за владејачката ЦДУ/ЦСУ во Германија се намали за четири процентни поени во однос на 14 март и сега изнесува 27 проценти, покажува анкетата спроведена од германски институт Кантар за потребите на весникот „Билд“.

На врвот на првиот бран на коронавирусот, во мај минатата година, унионистите предводени од Ангела Меркел уживаа доверба од 40 отсто, но со воведувањето строги рестриктивни мерки, незадоволството се зголемува, а поддршката се намалува.

Според анкетата, Зелените и натаму се на второ место според рејтингот, со зголемување на поддршката во однос на минатата недела од 19 на 22 проценти. На трето место е германската Социјалдемократска партија со 17 отсто доверба, додека ултрадесничарската Алтернатива за Германија изгуби еден процентен поен и сега има доверба од 10 проценти од гласачите.