Според истражување на социолошкиот институт ИНСА за весникот „Билд“, околу 20 отсто од испитаниците сметаат дека доколку германската конзервативна партија Христијанско-демократската унија (ЦДУ) победи на парламентарните избори следната година, нејзиниот лидер Фридрих Мерц треба да формира коалициска влада со екстремно десничарската „Алтернатива за Германија“, пренесе ДПА.
Мерц ја отфрли можноста за формирање влада со екстремно десничарската партија, чии различни ограноци се класифицирани од германското домашно разузнавање како екстремистичка или сомнително екстремистичка.
Околу 34 отсто од испитаниците во истражувањето сметаат дека, доколку победи ЦДУ, треба да соработува со партијата на актуелниот канцелар Олаф Шолц, централно-левичарската германска социјалдемократска партија, за да формира влада.
Во анкетата, и Мерц и Шолц добиваат 30 отсто поддршка, а 35 отсто не го одобруваат ниту еден од нив.
Во Германија канцеларот не се избира директно од гласачите, туку од Бундестагот.