Дури две третини од српските граѓани или 61 отсто сметаат дека за војната во Украина се виновни САД и НАТО, додека 4,5 отсто од нив сметаат дека е виновна Украина, а 3,5 отсто сметаат дека е виновна Русија, јави дописникот на МИА од Белград.
Презентирајќи го истражувањето на Новата српска политичка мисла (НСПМ) кое имаше две прашања – кој е во право, а кој е виновен за војната во Украина, Ѓорѓе Вукадиновиќ од НСПМ изјави дека тоа покажало дека пет отсто од српските граѓани веруваат дека Украина е во право, 36 отсто дека Русија е во право, 29 отсто сметаат дека никој не е во право, а 30 отсто не можат да определат.
– Истражувањето покажа дека јавното мислење во Србија е спонтано русофилско, од различни причини, рационални или ирационални. Мислам дека граѓаните на Србија не грешат многу, тие чувствуваат дека тоа е продолжение на она што го видоа во 1999 година. Српското јавно мислење се уште реагира здраво и логично, а нашите елити не сакаат да ја гледаат позицијата на јавното мислење – истакна Вукадиновиќ, на дебатата „Србија 1999 и Украина 2022-сличности и разлики“.
Тој изјави дека војната е големо зло и дека е одговорност на елитите да направат се што можат за да ја спречат и избегнат.
-Меѓународното право не е џубокс или самопослужување, постои или не постои, прекршено е или не е прекршено. Граѓаните на Србија биле сведоци на такво прекршување и затоа се скептични за објаснувањата кои доаѓаат од исти центри на моќ и затоа ја поддржуваат Русија – истакна Вукадиновиќ.