Осумдесет отсто од населенито на Западен Балкан верува во теории на заговор кога станува збор за новиот коронавирус, а најголемиот број „жртви“ на такви теории кои кружат на интернет се во Албанија, покажува истражувањето спроведено од Атлантскиот совет на Вашингтон и Советодавната група за јавна политика „Балкан во Европа”.
Во Албанија, 65 проценти од испитаниците веруваат дека вирусот е создаден во Кина, а 58 проценти веруваат дека излегол од лабораторија во Вухан.
Во Србија, 41,5 проценти од испитаниците веруваат во теоријата на заговор, додека во Албанија тој процент е речиси 20 проценти поголем – 59,4 проценти.
Србите најмалку веруваат во теоријата дека Кинезите го направиле вирусот – 35 проценти односно – 39 проценти од Србите веруваат дека вирусот излегол од лабораторијата во Вухан.
Дури 86,1 процент од косовските Срби веруваат дека Бил Гејтс создал вакцина за да ги „чипира“ луѓето, додека 93,7 проценти од нив сметаат дека фармацевтската индустрија играла клучна улога во создавањето и размножувањето на вирусот.
Слично е и со другите малцински етнички групи, како што се Албанците, Србите и Бошњаците во Црна Гора, како и Албанците во Македонија, кои веруваат многу повеќе во теориите на заговор отколку етничките мнозински групи во тие земји.
Теориите на заговор се значително распространети кај евроскептиците отколку кај оние кои се залагаат за европска интеграција – 60,6 проценти од противниците на членството во ЕУ имаат силни ставови во прилог на некои теории на заговор, наспроти 48,9 проценти од испитаниците кои се европоддржувачи.
Кога станува збор за примање вакцини, 53,4 проценти од испитаниците во Западен Балкан не би примиле вакцина, додека само 39,2 проценти би биле „веројатно“ или „сигурно“ вакцинирани.
Најголемата поделба во општествата во регионот во однос на приемот на вакцини има во Црна Гора, каде само 44,8 проценти би примиле вакцина.
На Западен Балкан, 55 проценти од испитаниците веруваат дека вакцината е направена од кинеската влада во лабораторија, 56 проценти веруваат дека фармацевтската индустрија е вклучена во ширењето на коронавирусот, 28 проценти веруваат дека постои врска помеѓу 5G технологијата и коронавирусот, а скоро 33 проценти веруваат војска го развила вирусот како биолошко оружје, додека 35 проценти веруваат дека Бил Гејст го користи вирусот за да спроведе вакцинација со чипови за да ги следи луѓето.
Гледано по земја и територија поединечно, над 60 проценти од Албанците во Албанија веруваат дека кинеската влада го направила вирусот во лабораторија, што е најподдржаната теорија на заговор во таа земја, а над 55 проценти во БиХ веруваат дека фармацевтската индустрија е вклучена во ширењето на вирусот.
Во Косово, 58 проценти од граѓаните веруваат дека кинеската влада го создала вирусот, во Црна Гора повеќето од нив – 58 проценти сметаат дека фармацевтската индустрија е вклучена во ширењето, во Македонија 52 проценти сметаат дека фармацевтската индустрија е одговорна за ширењето. Во Србија – нешто над 50 отсто се со таков став.
Најголем процент на испитаници кои нема да бидат вакцинирани против вирусот има во Македонија – повеќе од 40 проценти, додека најголем процент на оние кои ќе бидат вакцинирани се изјасниле во Црна Гора – 22 проценти.
Во Србија околу 33 проценти рекле дека нема да бидат вакцинирани, додека 20 проценти се оние кои ќе бидат вакцинирани, како и оние кои најверојатно ќе бидат вакцинирани.
Во истражувањето се наведува дека Западен Балкан претставува плодна почва за теории на заговор, а како причина се наведени слабите институции и недовербата во нив.
Истражувањето беше спроведено во октомври во Србија, Албанија, Македонија, БиХ, Црна Гора и Косово и во него учествуваа околу илјада испитаници постари од 18 години преку телефонски и онлајн анкети.