Националниот ансамбл за македонски народни игри и песни „Танец“ ќе го одржи традиционалниот новогодишен концерт со кој ќе ја заокружи 2021 година. Концертот ќе се одржи во Македонскиот народен театар на 21 декември.

Програмата содржи раскошна музичко-сценска програма во која ќе настапи целиот ансамбл и ќе бидат исполнети познатите сценски постановки и кореографски творби како орото „Копачка“, „Шопска петорка“, потоа „Роненка“, „Жетварка“, „Радовишки собор“, како и композиции од богатиот вокално-инструментален репертоар.

Премиерно ќе биде претставена и кореографската постановка „Мијачка“ на авторите Марјан Андоновски (кореографија) и Дарко Илиевски (музичка обработка). Ова ново кореографско дело се темели врз личните теренски истражувања на кореографот низ пределот Мала Река.

Картите за новогодишниот концерт се пуштени во продажба преку веб-страната и билетарницата на МНТ, по цена од 500 денари. Концертот ќе биде организиран според сите важечки Ковид протоколи.