Низа злоупотреби за време на пандемијата, наместо маски и друга опрема за медицинскиот персонал, средствата биле искористени за други цели. Државната комисија за спречување на корупција на денешната седница меѓу другото расправаше и за злоупотребите на институциите за време на пандемијата, главно за купените службени автомобили од страна на државните институции.
Податоците со кои располага комисијата се загрижувачки. Претседателката Билјана Ивановска од Антикорупциска вели дека не се само два автомобили кои беа познати во јавноста, туку станува збор за 150 нови автомобили, додека државата не можеше да обезбеди соодветна заштита за сите граѓани. Возилата се со вкупна вредност од над 3,6 милиони евра, односно луксузни возила со поединечна вредност од 20.000 до 40 000 евра за коишто, како што вели Ивановска, не се гледа потреба да се купуваат, особено во време на пандемија.
„Владата треба да донесе одлука за службените возила. Од една страна стега со даноци, а граѓаните ги иритира кога гледаат дека пари се трошат за луксузни возила кои се користат дури и за приватни цели. И кога се работи за службени цели, може да се помине со поевтини возила“, рече Ивановска.
Загрижувачки е фактот што државните институции за време на пандемијата и економска криза, ангажираат правни лица за извршување на работите што треба да ги извршуваат административците кои веќе работат во овие институции. Од Антикорупциска велат дека купувањето службени автомобили и ангажирањето надворешни соработници во државни институции се индиција за корупција.
Од таму велат дека за секоја ситуација во земјава особено во време на криза, во која се случуваат злоупотреби,треба да се преземат итни мерки од страна на надлежните институции.
Овие два предмета се прифатени од ДКСК како предмети со индиции и бројни факти за корупција во време на пандемија.