Претседателот на државата има должност да ги свика политичките партии поради општиот хаос што владее во државата. Ова е мислење на потпретседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, кој предлага формирање на привремена експертска влада за која ќе треба да се договорат сите партии.

„Мојот апел е политичките партии да понудат експерти кои за година или година и пол би ја подготвиле земјата за следните парламентарни избори кои треба да се одржат или следната 2023 или 2024 година. Овие имиња не треба да се имиња од политички партии, туку луѓе кои се познати како експерти во различни области, Албанци и Македонци, на кои сите политички партии би им верувале бидејќи имаат професионален кредибилитет“, вели Таравари.

Во сегашната ситуација уставните измени се невозможни, па Таравари верува дека техничката влада би била решение.

„Да средат малку во поглед на енергетските кризи, економските кризи, здравствените кризи, образовните кризи. Би се работело за стабилизација на земјата и подготовка за започнување на преговорите и за евентуалните уставни измени кои ѝ се неопходни на нашата земја“, додава Таравари.

За идејата не се разговарало во рамките на Алијанса, ниту со други партии. Сепак Таравари смета дека треба сериозно да се разгледа во наредните денови. Во моментов ВМРО-ДПМНЕ бара предвремени избори и што поскоро да ја преземе власта, а од СДСМ и ДУИ велат дека избори ќе се одржат во редовниот термин во 2024 година. Ниту една од другите партии досега не ја коментираа идејата за експертска влада.