Четири министерки ќе брои новата влада, на мандатарот Зоран Заев, за која денеска ќе расправа новиот парламентарен состав, а која треба да биде изгласана најдоцна до утре на полноќ.

Процентуално тоа е околу 21 отсто, што секако не е задоволителна бројка, со оглед на тоа што жените се речиси педесет проценти од популацијата во Македонија, но и на светско ниво.

Квоти за министерки и градоначалнички во законските прописи нема. Квотите кои низ годините од осамостојувањето беа воведени овозможија законска 40 процентна застапеност на жените во Парламентот и на локално ниво во советите, а има иницијативи такви квоти да се воведат и за Владата и за градоначалничките позиции.

За застапеноста на жените во политичките процеси во интервју за МИА разговаравме со Даниела Антоновска, експертка по родова рамноправност, магистер по родови студии со 18-годишно работно искуство во оваа областа во домашни и меѓународни невладини организации.

-Освен госпоѓата Шекеринска нели која што е во секторот на одбрана, останатите се поставени во тие т.н. социјално културни категории и напоменавте дека од 19 министри сега имаме четири министерки, тоа проценутално некаде би било 21 процент. Мислам дека неодамна имаше некоја реакција од женските невладини организации коишто упатија повик и апел од мандатарот за состав на новата влада господинот Заев барем 30 проценти од жените да бидат застапени во новата влада, меѓутоа ова укажува дека нели овој процент којшто го имаме сега е помал процент, вели Антоновска во интервјуто за МИА.

Четири жени министерки е ситуација, која според Антоновска, покажува дека навистина ни треба родова квота, дека ние без квотите немаме напредок, немаме вклучување на жените во политиката на кое било ниво.

За разлика од извршната власт, овој парламетарен состав се приближува до законската квота од 40 отсто. Четириесет и три жени добија мандати, наспроти 77 мажи во новиот парламентарен состав, со можност за уште еден или два мандати во прилог на пратеничките со верификацијата на следните на листата на местото на оние кои заминаа на министерските позиции. Тоа би било околу 35,8 проценти на жени пратенички во новиот парламентарен состав.

Споредбено со претходниот пратенички состав, вели Антоновска за МИА имаме зголемување, односно имаме една тенденција на покачување на бројката на жените. Во претходниот состав, додава таа, жените биле застапени со 31,7 проценти, односно речиси 32 проценти и тоа секако се должи на родовите квоти коишто се како афирмативни мерки усвоени во нашата држава.

Се надева дека наскоро ќе има поместувања во насока на 50 процентна застапеност, за која се залагаше коалицијата „Можеме“ во предизборната кампања.

Во интервјуто за МИА Антоновска говори споредбено за состојбата со женската застапеност во политичките процеси во Европа, но и во светски рамки, но и за изложеноста на жените кои се носители на високи политички и општетсвени функции на дискредитација по сексуална основа.

-Значи се уште на жената се гледа како општествено инфериорна, се уште се гледа како подредена и се уште е присутна таа сексуална објективизација на жената. Понекогаш за жал морам да кажам дури и од самите жени, односно постои една самообјективизација. И исто така кај жените кои што се на јавни функции многу е поголем товарот којшто самата таа функција значи го носи со себе за разлика од мажите. Така што, како општество ние сме генерално се уште заглавени во некој патријархален и традиционален ментален склоп и се уште сметаме дека најголем дел од работата на жената е значи дома, да се грижи за своите, за децата и за постарите членови од фамилијата, вели Антоновска, која била членка на Одборот на Европското женско лоби во три последователни мандати, и е алумна на родовите и феминистичките студии на Евро-Балкан институт и алумна на Школата за јавни политики „Мајка Тереза“. Авторка е на две книги, повеќе истражувања, анализи и текстови на македонски и англиски јазик.

Во продолжение следува целото интервју со Даниела Антоновска:

Изминатите години, процентот на пратенички во светот бележи пораст. Каква е состојбата кај нас, ете сега сме со нов парламентарен, имаме 43 жени кои освоија пратенички мандати, наспроти 77 мажи. Сега таа бројка ќе се помести за еден или два мандати повеќе во прилог на жените, откако се верификуваа мандатите на пратениците кои беа следни на листата на местото на оние кои ќе бидат министри во новата Влада. Каква тенденција бележиме во Македонија?

Како што рековте неодамна имавме парламентарни избори во државата, одбрани беа 43 жени, но сега со верификацијата на мандатите со новите пратеници мислам дека ќе има уште една, можеби евентуално уште две, меѓутоа ќе почекаме да видиме. Ако кажеме еве да се држиме до една фиксна бројка од 43, тоа значи дека ќе имаме 35,8 проценти на жени пратенички во новиот парламентарен состав. Споредбено со претходниот пратенички состав имаме зголемување, односно имаме една тенденција на покачување на бројката на жените. Во претходниот состав беа 31,7 проценти, односно речиси 32 проценти и тоа секако се должи на родовите квоти коишто се како афирмативни мерки усвоени во нашата држава, меѓутоа исто така нели почнуваме како држава веќе да го следиме и тој европски тренд , да речам, бидејќи веќе и во голем број европски држави имаме една тенденција на пораст на жените во нациналните парламенти, меѓутоа исто така и пораст на жените во Европскиот парламент.

Во 1946 година жените во Македонија се здобиле со правото да избираат и да бидат избрани на политички избори, но сепак останале во сенка, иако формално го имале правото. Од четири отсто застапенот во првиот парламентарен состав по независноста, денеска со неколку интервенции во законските прописи, стигнавме до 40 отсто законска застапеност. Дали тие 40 отсто се доволни? 

Во Изборниот закон значи од 2015 година е усвоена квота од 40 проценти, меѓутоа минатата и предминатата година од страна на Клубот на жени пратенички, коешто едно неформално тело формирано во 2003 година и ги обединува пратеничките од сите политички партии во Парламентот имаше една иницијатива за усвојување на квота од 50 проценти. Се надевам дека наскоро значи ќе има некое поместување во тој поглед, бидејќи нели секако жените претставуваат 50 проценти, речиси 50 проценти од популацијата кај нас и во светот, па нели зошто не би биле и 50 проценти во Собранието, бидејќи сметам дека без родова квота ние воопшто не би биле, би ги немале овие проценти и овие бројки коишто ги имаме денеска. И самата напомнавте дека започнавме со четири проценти, значи тоа беше на првите парламентарни избори. Понатаму еден извесен период имавме на вторите парламентарни избори едно намалување 3,2  проценти. Понатаму веќе во 2002 година се усвои квотата од 30 проценти и оттогаш постојано некаде се до 2020 се движиме некаде околу 30 проценти, 32 проценти, така што сметам дека сепак ова е напредок, меѓутоа треба уште да работиме на тоа  поле. Нели треба да ги следиме и трендовите пред се во западноевропските земји, значи да кажам во нордиските земји коишто предничат во тој поглед во застапеноста  на жените во нивните национални парламенти.

Различни се бројките во светски рамки интересно е што најмногу пратенички процентуално имаат земји како Руанда, Боливија, Куба, во Европскиот парламент процентот е 39,5, што е значително зголемување од првите избори за пратеници во ЕП, кога биле избрани само 15.5 жени, Познавач сте на светските политики по ова прашање зошто земји како Руанда, Боливија и Куба имаат поголем сензибилиет по ова прашање?

Претходниот состав на ЕП имаше мислам 36 проценти и сега последните парламентарни избори во ЕП беа во 2019 година со мандат се до 2024 година и сега има речиси 40  проценти. Да, не сме далеку. Меѓутоа можам да кажам дека и таму има голема разлика помеѓу земјите. На пример Шведска и Финска имаат поголем број на жени, европратенички кои се членки на Европскиот парламент, меѓутоа  еве Австрија и Холандија имаат изедначен број на жени и мажи во Европскиот парламент, меѓутоа колку се оди понатаму кон земјите во Централна и Источна Европа се забележува навистина голема дискрепанца во соодносот помеѓу бројот на мажите и жените. На пример во Романија имате 32 членови на Европскиот парламент, од коишто само седум се жени, а останатите се мажи. Кипар воопшто нема жена европарламентарка, исто така и Словачка на пример од 13, 11 се мажи две се жени, така што има голема разлика меѓу земјите во ЕУ. Во однос на она што споменавте нели за Руанда и за Куба. Видете во Руанда за време на геноцидот којшто траеше некаде во  периодот од 1994 па до 1997 за жал имаше голем број на жртви некаде околу еден милион и тоа направи една голема диспропорција во однос на бројот на населението. После геноцидот некаде меѓу 60 до 70 проценти од населението претставуваа жените, бидејќи најголем број од жртвите во геноцидот беа мажи, така што тука комплетно се смени значи и демографската слика на населението и тогаш почна една тенденција на менување на традиционалните родови улоги, бидејќи веднаш штом дојде на власт новата влада во Руанда едноставно тие немаа избор мораа да ги вклучат жените, бидејќи жените претставуваа речиси 70 проценти од населението. Мораа да ги вклучат во сите општествени економски социјални текови во државата и тогашниот претседател има воведено големи број проженски, родово сензибилни и одговорни политики, а некаде во 2003 година се воведува и законската квота од 30 проценти, политичките партии воведуваа своја интерна квота. Но сепак можам да кажам, бидејќи присуствував на повеќе семинари каде што го обработувавме геноцидот во Руанда  и нели силувањето врз жените како една од алатките за системско истребување на цели народи и тука имаше голем број претставнички од Руанда и од другите земји од Африканскиот континент, дека во приватната сфера не е така. Навистина тие имаат родово сензитивен Парламент, меѓутоа дома се уште имаат голема поделба помеѓу тие традиционални, стеротизипирани родови улоги и се уште е жената таа која што ги извршува сите работи дома. Насилството исто така за жал е присутно и дома и во јавните простори. Во Куба на пример настана една голема промена, некаде во ’60 и ’70 години на минатиот век, за време на кубанската револуција и мислам дека тогаш во тој период започна еден процес на искоренување на неписменоста, бидејќи претходно голем дел од населението беше неписмено, значи не посетува училиште и слично. Меѓутоа во ’60 и ’70 години се воведе задолжително образование во сите степени. Понатаму се направија големи реформи во однос на здравствената заштита, наталната заштита, се обрна големо влијание на заштитата на женското здравје, значи имаа безбеден и достапен абортус, на планирање на семејствата и во тој период најголем број од учениците и најголем број од студентите на факултетите и универзитетите, во Куба биле жени, некаде околу 63 проценти. Исто така денеска некаде околу 70 проценти од  адвокатите во Куба се жени, 70 жени се вработени во техничкиот сектор. Дури и на локално ниво во нивните провинции, значи и таму предничат жените, како градоначалнички се застапени во тие локални парламенти. Меѓутоа сепак Куба се соочува со други феномени. Тука е  сексизмот и мизогонијата, сексуалното вознемирување на жените посебно во оние јавни простори е многу застапено, значи е дел да не кажам од некоја нивна култура. Така што  подифолт  и поголем број на жени во Парламентот нели не значи дека ќе имаме родово сензитивен и одговорен парламент.

Во примерите споменавте одредена поделба на улогите дома, во контекст на тоа интересно е колку нашите пратенички се вклучени во активностите на различни собраниски комисии. Во неодамнешната анализа што ја споменав на Институтот за демократија тенденцијата од 1990 па до 2002 година е одлучувачка моќ на жените да ја фокусираме во областите дефинирани како “меки”, односно во комисиите кои ги опфаќаат услугите, негата, образованието, културата и социјалните прашања. Најмал процент на жени е забележан во Комисијата за одбрана и безбедност, надзор врз работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање, Комисијата за надзор врз спроведување на мерките за следење на комуникациите, економски прашања, земјоделство, шумарство и водостопанство. На што се должи оваа тенденција?

Па таа тенденција секако си влече свои корени од самите општествени  и културолошки норми коишто постојат. Од се уште сеприсутната доминација на мажите во некои т.н. сектори како што спомнавте дека се доминантно машки, а од друга страна пак имаме феминизација на одредени сектори како што се образованието, социјалата и здравството. Тоа сепак си влече свои корени уште од моментот на изборот на образованието, значи кога девојките и момчињата се запишуваат на  факултетите. Иако сега во последно време почнува да се менува нели тој тренд и да имаме поголем број на жени, девојки на техничките факултети. Иако мене лично ми е парадоксално ова имајќи во предвид еве ја споменавте Комисијата за одбрана, еве и во сегашната влада ќе имаме жена министерка за одбрана исто така и во претходниот состав на Владата, имајќи предвид дека многу се работи на зголемување на бројот на учеството нели на жени  во мирот и безбедноста  и во одбраната, меѓутоа сепак остануваат присутни нели тие родови сетереотипи, останува таа родова хиерархија сеприсутна. Меѓутоа добро е што еве во последниве години сметам дека имаме една мала промена тука во тој поглед, иако сепак се уште треба  да се работи на надминување на  овие предрасуди.

Од 19 министри, пак, според предлогот имаме само четири министерки, Радмила Шекеринска за одбрана, Мила Царовска за образование и наука, Јахода Шахпаска за труд и социјална политика и Ирена Стефоска за култура. Освен Шекеринска која останува на да кажам позиција во „неженска“ професија, сите останати министерки се во сфери, кои се сметаат за „женски“. Што говори овој владин состав во однос на застапеноста на жените?

Освен госпоѓата Шекеринска нели која што е во секторот на одбрана, останатите се поставени во тие т.н. социјално културни категории и напоменавте дека од 19 министри сега имаме четири министерки, тоа проценутално некаде би било 21 процент. Мислам дека неодамна имаше некоја реакција од женските невладини организации коишто упатија повик и апел од мандатарот за состав на новата влада господинот Заев барем 30 проценти од жените да бидат застапени во новата влада, меѓутоа ова укажува дека нели овој процент којшто го имаме сега е помал процент. Јас сметам, меѓутоа и Клубот на пратенички минатата и годината пред тоа имаше некои предлози значи некои иницијативи за воведување на законска родова квота од 30 проценти за жени во изборната власт. Да точно, немаме квоти за министерки и немаме квоти за градоначалнички и затоа е мал бројот на жени градоначалнички  кај нас, исто и бројот на жени министерки  тука значи некаде  вообичаено мислам  во претходниот состав сега да не шпекулирам со бројки исто така. Четири жени министерки – ситуацијата значи на терен покажува дека нам навистина ни треба родова  квота, дека ние без квотите немаме напредок, немаме вклучување на жените во  политиката на кое било ниво.

Од независноста до сега  Македонија нема жена претседател на Собрание, ниту премиер, ниту претседател на држава, која е причината? 

Да кажавте и сама, дека мислам госпоѓата Ката Лахтова беше претседателка нели на Собранието, потоа некаде во 2003 година  госпоѓата Лилјана Поповска беше, меѓутоа тоа беше многу краток период од десетина дена додека да се избере претседателот на Собранието. Таа мислам дека  ја вршеше функцијата односно статусот и беше вршител на должност односно претседател  на Собранието. Нели напоменавте немаме ни премиерка, имавме жени кандидатки  за претседателки, меѓутоа немаме. Во европската политика  можеме да забележиме дека веќе постепено нели почнува да се напушта тој тренд, односно имаме голем број на жени коишто еве веќе имаме во Естонија, имаме во Словачка жена која што  е претседателка, Ангела Меркел  нели на сите нам ни е добро позната, долги години е во политиката, па дури од нашето непосредно опкружување имаме примери. Поранешната хрватска претседателка Колинда Грабер Китаровиќ, понатаму претседателката на Косово, премиерката значи на Србија, така што мислам дека би требало нели еве да го земеме тоа како да стигне овој бран и кај нас, да го земеме нели и ова како еден позитивен пример од околните земји во нашето опкружување и да дадеме шанса на жените да бидат претседателки и премиерки, бидејќи  ги имаат истите ресурси и капацитети значи како и мажите, истите способности.

Жената во политиката, но и воопшто жената на висока позиција е секогаш поизложена на вербални напади засновани на полова и сексуална основа. Вакви напади кај мажите претенденти или носители на високи позиции речиси и да не гледаме. Експерт сте по родови прашање. Која е таа потреба жената да се распне затоа што е жена и тој обид да се дискредитира на сексуална основа?

Да, како што напоменавте многу е ретко некој маж да биде нели во центар на вниманието и да се дискредитира по сексуална основа, полова основа, меѓутоа жените најчесто, а пред се жените што се на високи позиции се наоѓаат во фокусот на вниманието најпрвин по тоа што се гледа, се визуелизира нејзината појава, се коментира прво како изгледа, каква и е фризурата, како е облечена, значи и слично. Прво се атакува нејзиниот физички изглед. Понатаму и со многу сексистички коментари,тие знаат да бидат нели јавно упатени непосредно до неа, знаат тоа да бидат и коментари на социјалните мрежи, на социјалните профили. Во последно време и тоа е исто така во подем, за жал. Постојано се поставува и она прашање како жената политичарка и жената на високите функции ќе си го балансира приватниот и професионалниот односно јавниот живот, а тоа речиси воопшто не се поставува на мажите, коишто се во политиката или коишто имаат некои други високи политички или други раководни функции. Значи се уште на жената се гледа како општествено инфериорно, се уште се гледа како подредена и се уште е присутна таа сексуална објективизација на жената. Понекогаш за жал морам да кажам дека дури и од самите жени односно постои една самообјективизација, нели. И исто така жените кои што се на јавни функции многу е поголем товарот којшто самата  таа функција значи го носи со себе за разлика од мажите. Така што, како општество ние сме генерално се уште заглавени во некој патријархален и традиционален ментален склоп и се уште сметаме дека најголем дел од работата на жената е значи дома, и да се грижи за своите, за децата и за постарите членови од фамилијата. Како илустрација на ова имаше неодамна 2018 едно истражување од страна на Институтот за интерпарламентарната унија во однос на сексуалното вознемирување и насилство врз жените пратенички во Европскиот парламент и националните парламенти на земјите од ЕУ и тука навистина беа добиени застрашувачки податоци. Мислам дека некаде 80 проценти од анкетираните жени, вкупно 123 беа анкетирани од 45 земји членки од ЕУ, изјавиле дека биле подложени на психичко насилство, 58 проценти изјавиле дека се подложни на онлајн сексуално вознемирување  и некаде исто голем процент дека  имале закани за физичко насилство, за тепање, па дури и за силување. Што значи дека ова сепак е еден глобален феномен во однос на сексуалното насилство, и вознемирување врз жените коишто се на високи функции.

Еден заклучок  или ваша оценка унапредувања на правата на жените во нашето општество? 

Сметам дека кога се направи една паралела во однос на тоа еве да кажеме од 2002 година кога се воведоа родовите квоти, самите бројки и статистички податоци говорат дека да, имаме значи напредок  во застапеноста на жените, речиси не само во политиката, туку и во другите сфери. Имаме унапредување нели во поглед на родовата еднаквост, имаме добра законска регулатива и меѓутоа сепак има уште голем број предизвици коишто стојат пред нас. Најнапред потребно е да  ја подигнеме свеста за родовата еднаквост, не само кај нас коишто работиме  на ова прашање значи, туку еве тука сте и вие како медиуми коишто играте голема улога во однос на тоа и секако на целата општа популација.

За крај дали постои женска солидарност  во Македонија или важи девизата „жената на жената е волчица“?

Па тие удари на дискредитација понекогаш знаат да дојдат и од самите жени. Има одредени прашања во коишто за т.н. женски теми, жените сепак не се доволно солидарни. Има солидарност меѓутоа мислам дека треба се уште да работиме на тоа. Прво како општество ние сме многу големи индивидуалци, индивидуализмот ни е пред колективното и пред солидарноста. Еве како еден пример илустративен би го напоменала  Законот за прекинување на бременоста во 2013 година, еве тогаш стануваше збор за една женско прашање, станува збор за суштинско нели женско право, меѓутоа сите жени не беа солидарни  во однос на ова прашање. Секако секој има право на свое сопствено мислење нели, меѓутоа конкретно за жените во политиката, жените нели пратенички честопати тие знаат да го застапуваат повеќе да кажеме понекогаш во некои случаи и ставот на  политичките партии, кои ги застапуваат, а не својот личен став. Така што сметам дека нели треба се уште да се градиме како општество во однос на колективитетот и во однос на  солидарноста.

Ана Цветковска

фото: Дарко Попов

видео: Андреј Бранковиќ