НЕСРЕЌА ВО ГОСТИВАР: Маж спасувал жена во Вардар, исчезнал и тој, потрагата се уште трае

/ 29.08.2020

Полициски службеници, пожарникари и граѓани синоќа започнаа потрага по две лица кои исчезнале во водите на Вардар кај Гостивар.

Според неофицијалните информации, нешто пред полноќ помлада жена била забележана во водите на Вардар кај кланицата. Очевидци тврдат дека еден гостиварец се обидел да ја извлече, но не успеал во намерата и бил повлечен од брзаците на реката. Набрзо потоа, настанот бил пријавен во полиција, по што биле ангажирани екипи на првата помош, полиција и пожарникари.

Околу 1:30 часот новинарот на МИА беше на мостот во селото Форино каде со вознемирените жители го очекуваر исходот од потрагата. Полициски службеници со батериски ламби го следеа текот на водата во случај да се појават телата, кои последен пат биле видени во близина на селото Чајле.

Идентитетот на лицата по кои се трага, засега е непознат. Исто така до доцна во ноќта не беше познато и под какви околности започнала драмата.

Околу 3 часот проструи информација дека во близина на Старо Чајле е лоцирано безживотно тело на женско лице, но обвинителството, полицијата и брзата помош не можеа да ги потврдат наводите.

Безживотно тело на помлада жена утрово е најдено во близина на селото Старо Чајле по три часовната потрага. Најверојатно се работи за девојката која синоќа пред полноќ беше пријавена дека била понесена од водите на Вардар.

Според првичните информации на портпаролот СВР Тетово, Марјан Јосифоски, утрово околу 3 часот телото го забележале локални жители на песочен остров во близина на детско игралиште. Набрзо потоа случајот го пријавиле во полиција.

По доаѓањето на медицинска екипа, било констатирано дека нема знаци на живот. Се работи за дваесет годишна гостиварка која според првичните информации, некоја минута пред полноќ паднала во Вардар во близина на малиот метален мост кај градскиот пазар. Очевидци кои пријавиле во полиција потврдиле дека и еден гостиварец се обидел да ја извлече, но не успеал во намерата и бил повлечен од брзаците на реката. Се претпоставува дека станува збор за 45 годишен гостиварец, по кој сè уште се трага, објави ТВ 21.

Полициски службеници и екипи за пребарување од утрово продолжија со пребарување по течението на Вардар во обид да се најде телото на мажот.

Полициски службеници и мештани со батериски ламби го следеа текот на водата во случај да се појават телата. Засега не се познати околностите кои довеле до трагичниот настан.

Телото на девојката, по наредба на јавен обвинител е предадено на обдукција.


Од истата категорија