Во тек е операција на СДСМ за поткуп на 5 пратеници со суми од 100 до 500 илјади евра, рече лидерот на Левица Димитар Апасиев на Канал 5.

-Имам две ексклузивни информации. Во моментов додека зборуваме се прави обид за купување на пет пратеници од страна на СДСМ. Јас ги знам и по име и по презиме и по детали. Се подмитуваат со станови во Скопје, сумата се движи од 100 до 500.000 евра за да преминат во таборот и сето ова е недозволиво во еден систем кој претендира да биде европски.

-На пратениците им се закануваат со швалерки, бизниси… Ги знам по име и презиме. Чекам да добијам пратенички имунитет па ќе ги кажам од говорница – рече Апасиев.

Тој порача дека не ги признава изборните резултати, бидејќи, како што рече, им биле украдени 3 пратеници.

-Ова не беа избори, ова беше масакар. 10 милиони евра се истурија директно, 100 милиони евра наоколу. Опцијата беше да нема избори среде пандемија, час порано нели требаше да има избори, а после си отидоа на одмор во Брајчино – истакна Апасиев.

Втората ексклузивна информација, како што ја најави, е што тврди дека добива закани. Ова, според него, е вторпат во животот да добива закани по живот. Првиот пат бил додека бил советник во СЈО.

За заканите тој го впери прстот кон Агенцијата за разузнавање и кон лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

„По втор пат, добив закани по живот за мене и за моето семејство бидејќи знаат дека не можат да ме поткупат и тоа доаѓа од две структури. Од структурата на Пендаровски преку Агенција за разузнавање со радикални елементи за кои ќе го документирам случајот и со мојот адвокатски тим. Чекам да стекнам пратенички имунитет, па да покренам процедура. Другата закана е директно од Заев преку еден негов пајташ во изборната едница 3 на кој јавно му порачувам дека не треба он да ме бара, туку само уште еден збор да ми прати или било што да ми се закани, не он да ме најде, јас ќе го најдам него за 24 часа. Кога нема систем да те штити, ти си должен да се самозаштитиш. Најодговорно кажувам дека мене ми се заканува и дека ова нема така да помине“, рече Апасиев.