На собраниската седница за пратенички прашања за малку не дојде до физичка пресметка помеѓу лидерот на Левица, Димитар Апасиев, со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.

За да спречи ескалација на вербалниот инцидент, претседателот на Собранието, Африм Гаши, повика обезбедување и прогласи 10-минутна пауза.

Инцидентот започна кога пратеникот Реџеп Исмаил од Левица постави пратеничко прашање до премиерот Христијан Мицкоски, иако тоа претходно не било најавено писмено, како што налага Деловникот.

На ова процедурално реагираше Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи дека се изигруваат правилата.

Ситуацијата дополнително се вжешти кога Апасиев од своето место почна гласно да довикува и да замавнува со, најверојатно, Деловникот, насочувајќи го кон пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои се собраа околу местата на пратениците на Левица.

Обезбедувањето реагираше навремено, а по паузата седницата продолжи без понатамошни инциденти.