Настаните на 27 април се навистина тешко дело против државата, но и тогаш, и сега, го повикуваме јавниот обвинител, вистински да истражи кои се организаторите, порача одбраната на обвинетите за случајот „Организатори за 27 април“, откако Основниот Кривичен суд Скопје денеска го уважи барањето за амнестија на обвинетите ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристески, поранешниот собраниски спикер Трајко Вељановски и поранешниот директор на УБК, обвинетиот Владимир Атанасовски.
Според адвокатот Јордан Апостолски, после шест години, притвори, куќни притвори, понижувачки однесувања, Судот ја донел единствената можна одлука, а тоа е да ги ослободи и да ги амнестира обвинетите.
– Уште на почетокот на овој процес тврдевме дека се работи за политички монтиран процес, се со цел да бидат ослободени од одговорност вистинските организатори на настаните, а од изведените докази се покажа дека овие лица немаат никаква инволвираност во настаните за 27 април. Значи според нас, и според изведените докази, може да се утврди само дека во тогашното време, МВР не си ја извршуваше својата задача. А тогаш тоа Министерство беше под влијание и под контрола на коалицијата СДСМ-ДУИ, изјави Апостолски.
Според адвокатот Еленко Миланов, Законот за амнестија е јасен и дециден и не важи за оние кои постапувале како организатори по сосема друга правна квалификација, а тоа е правната квалификација од член 324, додека во однос на сите оние за кои постои правна квалификација од членот 313, како терористичко загрозување на уставниот поредок се наведени точно исклучоците за лица со оружје, лица со прикриен идентитет и лица кои употребиле насилство во самото Собрание.
– Затоа и сите мои претходни изјави беа во насока дека овој предмет во однос на дел од лицата кои ги застапував и чиј сум бранител, не можеше и не смееше ниту да биде поведено, ниту да биде одобрен обвинителниот акт, ниту да стапи на сила и да трае сите овие години, изјави Миланов.
Судот денеска донесе решение со кое барањето за амнестија на обвинетите се уважува и се запира постапката за обвинетите за кривичното дело загрозување на уставниот поредок на државата.
Судијата Илија Трпков, на почетокот посочи дека настаните во Собранието на 27 април 2017 година не се ниту сечени, ниту монтирани, туку вистински, порачувајќи дека ова е демократска земја и секој има право да порачува што смета, а судиите треба да опстанат и издржат во процесите.
– Уривањето на Собранието е уривање на државата. Лично и како Совет се уште сме на ставот дека интенцијата на законодавецот со Законот за амнестија беа да не се амнестираат организаторите, но секогаш има едно но, и ЈО и Апелација одлучувале дека тројцата обвинети тука не постапиле спротивно од овластувањата, изјави Трпков.
Овие обвинети тука, посочи тој, се исти со останатите обвинети во овој суд кои биле амнестирани.
Обвинителство на претходното рочиште до Судот достави мислење дека кај тројца од обвинетите, законските одредби налагаат амнестија, додека кај еден обвинет не може да се примени овој правен институт, бидејќи за истиот важат исклучоците од амнестијата која ја дал законодавецот со своето законско решение.
Во доставеното мислење до Основниот кривичен суд Скопје од ОЈО ГОКК за примената на Законот за амнестија во случајот „Организатори на 27 април“, се истакнува дека барањето на одбраната на обвинетите за примена на законот не може да се спори, особено ако се земат предвид обвинетите и осудените што веќе се амнестирани.
Апелацискиот суд во април минатата година ја укина првостепената пресуда од јули 2021 година, со која поранешниот спикер Вељаноски беше осуден на шест и пол години затвор, екс министрите Јанакиески и Ристовски добија казна од 6 години и три месеци затвор, додека поранешниот директор на УБК Атанасовски шест години затвор, и предметот го врати на повторно судење.
Фото: МИА