Шефот на иранската дипломатија, Абас Арагчи, денеска изјави дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се фали со тоа како ја вовлекол американската администрација во војната против Иран на сметка на Израел, притоа нарекувајќи го Нетанјаху „змија“.

На својот профил на Икс, Арагчи сподели видео од настап на Нетанјаху на израелската телевизија, каде што кажува дека „се справува со Иран речиси 40 години“.

„На хебрејски, Нетанјаху отворено се фали дека ја вовлекол американската администрација во војната против Иран на сметка на Израел. Тој експлицитно се смее на тоа како „влијаел“ врз Америка преку илјада часа настап на американските канали. На англиски, тој го фали лидерството на американскиот претседател (Доналд Трамп). Змија“, напиша Арагчи на Икс.

Во видеото што го сподели, Нетанјаху вели дека долго време му требало да ги натера САД „да разберат“.

„Ми требаше долго време да го убедам нашиот безбедносен естаблишмент дека треба да се справиме со Иран. Исто така, ми требаше долго време да ги натерам САД да разберат. Успеав да го направам тоа бидејќи се појавував на американската телевизија речиси илјада часа“, рече Нетанјаху.