Договорот од Преспа решава прашања што никој не се осмели да ги допре, вели министерот за земјоделство и храна на Грција, Ставрос Араховитис за грчката новинска агенција АНА-МПА и додава дека решението „конечно ги заштитува грчките производи и не треба со страв да се гледа на целото прашање“, јави МИА од Атина.
За грчките трговски производи, особено оние што не се заштитени, Араховитис објаснува дека во текот на 2019 ќе се формира комисија, која со меѓународна помош ќе ги решава прашањата што ќе произлезат во иднина. Воедно ги повика грчките компании доколку законски не ги заштитиле нивните брендови, тоа веднаш да го сторат.
На истата тема, во обраќање на свеченото отворање на Меѓународниот саем за сточарство „Zootechnia“, префектот на областа Централна Македонија, Апостолос Ѕиѕикостас, според грчките медиуми рекол дека Договорот од Преспа ќе создаде сериозни проблеми за грчките производи, а „компании од Скопје веќе почнаа правни процедури против компании од Северна Грција кои го немаат загарантирано брендот Македонија“.
На ова, според АНА-МПА, одговори министерот за земјоделство на Грција, Ставрос Араховитис, велејќи дека е плашлив пристап.
– Грчките компании веќе го надминаа ова. Хармонично работат со соседната земја, нашите трговски односи се особено позитивни, па така можеме да очекуваме само корист, а не страв, рекол Араховитис.