Аргентина продолжува сигурно да чекори на Светското првенство 2026. По убедливата победа од 3:0 над Алжир на стартот, избраниците на Лионел Скалони вечерва ја совладаа Австрија со 2:0 во Далас и обезбедија пласман во шеснаесетфиналето уште пред последното коло во групата Ј.
Иако не одиграа толку доминантно како на отворањето на турнирот, Аргентинците уште еднаш покажаа карактер и зрелост, стигнувајќи до втора победа во исто толку натпревари.
Главна фигура повторно беше Лионел Меси.
Капитенот на Аргентина не го отвори натпреварот на најдобар можен начин, бидејќи веќе во седмата минута не реализираше пенал досуден по прекршок над Лаутаро Мартинез.
Сепак, Меси не дозволи тоа да влијае врз неговата игра. Продолжи да биде најопасниот фудбалер на теренот и во 38. минута ја круниса својата одлична партија со погодок за водство од 1:0.
Пред голот, Меси имаше уште две одлични можности, но австриската одбрана во двата наврати успеа да интервенира на самата гол-линија.
Австрија одигра дисциплинирано и во одредени периоди успеа да воспостави рамнотежа на теренот, но ниту еднаш сериозно не го загрози голот на Емилијано Мартинез.
Во второто полувреме Аргентина мудро ја контролираше играта и резултатот. Единствена грижа за Скалони беше повредата на Кристијан Ромеро, кој мораше да го напушти теренот и беше заменет од Николас Отаменди.
Шанса добија и Хулијан Алварез, Николас Гонзалес, Леандро Паредес и Николас Таљафико, кој го забележа првиот настап на овој Мундијал по закрепнувањето од мускулна повреда.
Во судиското продолжение Меси уште еднаш стапи на сцена и со својот втор гол на натпреварот ги постави конечните 2:0.
Тоа беше негов петти погодок на Светското првенство 2026.
Со оваа победа Аргентина има максимални шест бода по две кола и веќе го обезбеди пласманот во следната рунда.




