Австралискиот судија Шон Еванс повторно ќе биде дел од судискиот тим на Светското првенство 2026, откако ФИФА ја заврши истрагата поврзана со гестот што предизвика големо внимание во јавноста.

Еванс ќе биде помошен ВАР-судија на натпреварот од групата Г меѓу Нов Зеланд и Египет во Ванкувер, што ќе биде негов прв ангажман по контроверзијата која се случи пред дуелот меѓу Германија и Курасао.

Инцидентот се случи за време на претставувањето на ВАР тимот од судискиот центар во Далас, кога камерите го снимија Еванс како прави гест со раката што дел од јавноста го протолкува како превртен знак „ОК“, симбол кој во одредени околности се поврзува со екстремистички пораки.

Снимката брзо се прошири на социјалните мрежи и предизвика бројни реакции, по што ФИФА отвори официјална истрага.

По анализата на сите достапни снимки и разговорите со судијата, Светската фудбалска федерација заклучи дека нема основа за дисциплинска постапка.

„Не пронајдовме никакви докази за прекршување на Дисциплинскиот правилник на ФИФА“, соопштија од организацијата.

Еванс категорично ги отфрли обвинувањата дека гестот бил намерен или дека носел скриена порака.

„Разбирам како беше протолкуван гестот и жалам поради тоа, но сакам јасно да кажам дека никогаш свесно или намерно не сум покажал симбол што ми се припишува“, изјави австралискиот арбитар.

Тој објасни дека станувало збор за несвесен движење што го повторувал додека држел пенкало во раката, а слични движења можеле да се забележат и во други моменти од натпреварот.

„Снимките од подоцнежниот тек на натпреварот покажуваат дека истиот гест го правев повеќепати. Тоа беше ненамерно и потсвесно движење. Да се суди на Светско првенство е најголемата чест во мојата кариера и се радувам што ќе продолжам да им помагам на колегите до крајот на турнирот“, рече Еванс.

По овој случај ФИФА ја промени и процедурата за претставување на ВАР-судиите пред натпреварите. Наместо да позираат пред камера, тие отсега ќе бидат прикажувани само на работните позиции во ВАР центарот, со истакнати имиња на екранот.

Еванс, кој беше ВАР-судија и на Светското првенство во Катар во 2022 година, сега се враќа на редовните обврски на турнирот, откако беше утврдено дека спорниот гест немал политичка ниту идеолошка позадина.